Собирот ги подели муслиманите
Читањето делови од Куранот и клањањето на сред скопскиот плоштад, ги подели овдешните муслимани. Додека Исламската верска заедница се огради од собирот наречен „Сведоштва за Бурмали“, појаснувајќи дека „езан и клањање на отворено можат да прават само нивни оџи“, голем број невладини организации, сепак, го одржаа замислениот верски ритуал како повик за обновување на Бурмали-џамијата. Организаторот, Координативното дело за обновување на џамијата, по настанот имаше извесно оградување дека молитвата не била колективна.
Собирот на кој присуствуваа околу илјада лица, во Полициската станица „Центар“ бил пријавен како културна манифестација, но поради масовноста, го набљудуваа голем број полицајци. Друго прашање е дали е „културна манифестација“, процес во кој има и делови на верски обред и протест Општината Центар, односно Владата да ја дозволат обновата на џамијата. Се тврди дека тој бил поддржан од над 70 невладини организации и чинел 3.500 евра. За Валентина Божиновска, претседател на Комисијата за односи со верските заедници, собирот е нелегитимен, бидејќи него писмено го осуди ИВЗ, која, исто така, е заинтересирана за обновување на Бурмали-џамијата. Со оглед на тоа дека на собирот активно учествувал и Адем Рамадани, висок државен службеник во Комисијата, кој претходно си зел три слободни дена, за неговото присуство ќе се поведе внатрешна дисциплинска постапка. (Б.Ј.) |