Опасно свлечиште на патот кон Пелистер
БИТОЛА - Опасно лизгање на земјиштето се појави на патот за Националниот парк „Пелистер“. Пукнатина од триесетина метри, на потегот од селото Трново кон Детското одморалиште, може сериозно да ја загрози безбедноста во сообраќајот. Особено што овој пат е единствениот до хотелите и до сместувачките капацитети на Пелистер. Опасноста е уште поголема за минувачите, би��ејќи теренот е под снег, а пукнатината тешко се забележува. За период од три недели, ова е второ лизгање на земјиштето на Баба Планина, по она во селото Цапари. Земјиштето се раздвижи поради големата влага на земјата и снегот од Пелистер.
„Наши екипи излегоа на терен, но ги информиравме и службите на ‘Македонија пат‘, бидејќи делницата е нивна надлежност. Очекуваме да се направи проширување на патот за непречено одвивање на сообраќајот. Особено заради безбедноста на возилата што се движат од Битола кон хотелот ‘Молика‘“, изјави Сашо Мицевски, директор на Националниот парк „Пелистер“.
Оттаму стравуваат дека патот ќе биде ризичен ако снегот нагло се стопи. „Моментно нема голема опасност. Сега фреквенцијата на автомобили е помала. Но, кога ќе проработи жичарницата и ски-центарот ’Копанки’, тогаш ќе има поголем сообраќај, а тоа е опасност од цепење на патот“, предупреди директорот Мицевски.
Посетителите на Пелистер, кои се предупредени за опасното место, се движат забавено и во една колона. „Мора итно да се направи потпорен ѕид од десната страна за да не се уништи целосно патот“, смета Кире Калајџиев, планинар.
Пред неколку недели сунатица се појави и кај потпелистерското село Цапари, блокирајќи го локалниот пат и патот што води кон манастирот „Света Петка“ и фабриката за трикотажа „Фалко“. Повеќе од 130 погонски работници останаа со часови заробени на силен ветер и пороен дожд. Во февруари годинава се расцепи магистралниот пат Битола - Ресен над месноста Ѓавато. За санирање на патот беа потребни десет месеци. (А.Б.) |