Зимувањето привилегија за богатите
Дневен билет за користење ски-лифт на Бистра чини 1.100 денари
Киро Кипроски
МАВРОВИ АНОВИ - Елитниот скијачки центар Маврово изминатиот викенд ја отвори зимската сезона. Условите за скијање се одлични, а терените подготвени. Снежната покривка на Бистра изнесува меѓу 50 и 80 сантиметри. Билетите за скијање во центарот „Заре Лазаревски“ се намалени за околу 20 отсто споредено со лани. Се очекува и цените на пансионските и на вонпансионските угостителски услуги да паднат за десет-дваесет проценти.
Сепак, и со вакво поевтинување, зимувањето во Маврово е скапо. Уживањето во белиот спорт несомнено ќе биде привилегија само за оние со подлабоки џебови. Дневниот билет за користење 11 ски-лифта на Бистра на двете двоседечници и на едноседечницата, кое чинеше 1.300 денари, сега може да се купи за 1.100 денари. Детската карта е 800 денари. Билетот за седум дена наменет за возрасните е 6.000 денари, а за десет дена 8.200 денари. Седумдневниот биле за деца е 4.400 денари, а оној за десет дена 6.000 денари.
„Патеките на Бистра постојано се одржуваат со специјални машини“, вели Иван Симевски, раководител на Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“.
Љубителите на скијањето ќе можат да стигнуваат на терените од 8,30 часот до 16,30 часот. Трите жичарници за еден час на Бистра можат да превезат над 2.000 лица, а со сите ски-лифтови, кои се синхроно поврзани, во истиот период до посакуваните дестинации можат да стигнат 10.000 скијачи.
За ноќевање во Маврово треба да се плати од 10 до 110 евра што зависи од тоа дали ќе се користи соба со еден, два или повеќе кревети, во полуксузен или во стандарден хотел или, пак, сместувањето ќе се обезбеди во куќи или вили.
Во хотелот „Бистра“ во еднокреветна соба ноќевање со појадок чини 110 евра, а ноќевање со појадок во двокреветна соба за едно лице е 80 евра. Седумдневен аранжман врз база полупансион во двокреветна соба за едно лице во „Макпетрол“ изнесува 14.200 денари во периодот од 8 јануари до 2 февруари, а од 2 јануари до 8 јануари 12.360 денари. Ноќевање со појадок во хотелот „Срна“ е 25 евра, а полупансионот 32 евра.
Раде Симевски, раководител на хотелот „Макпетрол“, 35 години е угостител во мавровскиот туристички крај. Тој одлично ги познава туристичките услови на регионот. Притоа, истакнува дека за успешна сезона, потребно е стабилно време, снег, но без ветер и магла. Според Симевски, цените се реални и треба да бидат мотив повеќе за посетителите.
За претстојниот католички Божик, „Макпетрол“ ќе биде исполнет до последното место со домашни гости и со посетители од Албанија и од Грција. И другите хотели очекуваат зголемена посета за овој празник.
Гостите, кои во сопствена режија ќе ги подготвуваат оброците, можат да се снабдат во неколкуте продавници, а трговците ветуваат дека навреме ги набавиле сите производи.
Мравјалник на Попова Шапка
ТЕТОВО - Сончевото и мирно време, снежната покривка од половина метар и расчистениот пат, беа предизвици за посета на атрактивниот скијачки центар Попова Шапка кон кој вчера уште од утринските часови се упатија многу љубители на планината и снегот.
Изминатиот викенд Шапка привлече многу посетители од повеќе места на Македонија иако и овој пат најбројни беа скопјани. Таму функционираат седум ски-лифта и две жичници-седечници.
Поради лошите временски услови, во саботата работеа само три, вклучувајќи ја и онаа кон најатрактивната патека на Балканот - Церипашина. Затоа, пак, вчера под полна пареа беа сите ски-лифтови и жичници. Попова Шапка потсетуваше на мравјалник. Во ретко убави услови уживаа и возрасни и деца.
Гостите од соседните земји се сместени во реновираните хотели, а пред се' во „Славија“.
Новина од скијачкиот центар е создавањето услови за ноќно скијање. Одговорните велат дека за десетина дена сите потребни работи ќе бидат завршени. Не се најавени зголемувања на цените. Дневниот билет е 800 денари, а оние што ќе пристигаат по 12 часот за билет ќе плаќаат 600 денари. (Г.Е.) |