Маглата го затвори скопскиот аеродром
Скопскиот аеродром „Александар Велики“ вчера попладне поради густата магла и видливоста под 50 метри беше затворен за сообраќај. Откако вчера утрото седум авиони успеале да полетаат, по 16 часот беа стопирани сите полетувања и слетувања, а оние авиони кои веќе полетале кон Скопје се пренасочуваа кон охридскиот аеродром.
Од Контролата за летање, како што информираа, освен двата авиона што слетале во Охрид, другите седум планирани слетувања биле одложени.
Надлежните очекуваат да се нормализира состојбата.
Маглата и влажните коловози вчера го отежнаа возењето и на повеќето патни правци низ Македонија. Иако немаше забрани за движење од АМСМ, информираа дека видливоста се движи од 50 до 70 метри и препорачуваат носење зимска опрема и внимателно возење. (Ј.Ј.)
|