Антикорупциска ќе работи на вересија
Катица Чангова
Седумтемина члена на Антикорупциската комисија од септември ќе работат на вересија. Ребалансираниот буџет ги испразни сите ставки за работата на оваа институција, вклучувајќи го и контото од каде што им се исплатуваа месечните надоместоци на комисионерите. Останаа 52.000 денари, кои се доволни само ��а еден хонорар.
Финансиите не се единствен проблем за Антикорупциска, чиј прв човек вчера на прес-конференција избегна да одговори дали ќе продолжат со работа или ќе поднесат оставки. Антикорупционерите се соочени со сериозна закана од разрешување, која ја најавуваат новините во Законот за спречување на корупцијата подготвени во Министерството за правда. Измените кои пред неколку дена непријатно ги изненадиле во Антикорупциска, предвидуваат мандат скусен за една година, кој завршува на 1 февруари наредната година. Значи дека актуелниот состав останува на работа уште пет месеци.
„Одредени решенија битно и со тенденција задираат во статусните прашања на Комисијата. Тоа не' тера на помисла дека ова контролно тело некому не му одговара“, изјави вчера Илми Селами изразувајќи загриженост од овој „класичен упад во работата на Антикорупциска“.
Според него, Министерството за правда не дава никакво објаснување за предвременото разрешување на Комисијата, не ги кажува целите и причините за ваквата одлука.
„Како поинаку да се разбере овој несфатлив потег на Министерството, освен како намера за предизвикување домино-ефект. Со предвременото заминување се создава сомневање дека во Комисијата ќе се вдомуваат партиски кадри. Тоа ќе оневозможи вистинска контрола во јавното и во материјално-финансиското работење на службените лица“, рече Селами и додаде дека ова не е придонес кон реално демократизирање на државата и укажува на тоа дека нема политичка волја за борба против корупцијата.
„Со предлогот не се врши никаков упад, ниту има каква било тенденција за вработување партиски кадри во Државната комисија за спречување на комисијата“, изјави вчера министерот за правда Михајло Маневски. Со професионално вршење на функцијата антикорупционерите ќе ја зајаканта Комисијата бидејќи целосно ќе бидат посветени на работата, појасни Маневски. Според него, не може да се продолжи мандатот на постојните членови на Комисијата со трансформација од вршење волонтерска функција во професионално затоа што законот предвидува процедура за нивниот избор. „Тие ќе се избираат на јавен оглас. Откако ќе се пријават, Собранието, на предлог на Комисијата за избори и именувања ќе направи избор“, објасни Маневски.
Од Антикорупциската комисија бараат Министерството за правда јавно да ги образложи и да ги повлече новите решенија. Предлогот на Правда директно ја нарушува правната и институционалната сигурност на институциите во земјата, нагласи шефот на Антикорупциска.
„Со ова би се вовел лош и недозволив преседан, кој во иднина би можел да се користи и од некои други власти на кои не им одговара составот на Комисијата. Преку измени и дополнувања на Законот би ги разрешиле предвреме членовите и би избрале други кои ним им одговараат“, коментира Селами.
Буџетот на Антикорупциската комисија е толку истенчен што нема доволно средства ниту за намирување на тековните расходи. Изнесувајќи ја моментната финансиска состојба, која со ребалансот е сведена на 14 милиони денари од 17 милиони денари, колку што беа предвидени со буџетот за 2010 година, Селами истакна дека е загрозено елементарното функционирање на Комисијата. За да не се случи колапс Антикорупциска навреме, уште при најавата за ребаланс, неколку пати се обраќала до Финансии и до Владата, но тоа не било земено предвид.
Министерството за финансии вчера експресно, со соопштение, реагираше на прес-конференцијата на Илми Селами, убедувајќи дека на Државната комисија за спречување на корупцијата и покрај ребалансот и' се доделени 40 отсто повеќе средства за работа во однос на 2006 година. „Последниве четири години буџетот на оваа институција во просек се зголемил за 65 проценти, што ја покажува посветеноста на Владата во борбата против корупцијата. Средства за плати се обезбедени за цела 2010 година“, наведуваат од Финансии и нагласуваат дека Министерството е секогаш отворено за дијалог и за решавање на секоја евентуална ситуација. И Министерството за финансии и Владата безрезервно ја поддржуваат борбата против корупцијата и работата на Антикорупциската комисија, се истакнува во соопштението. |