Има ли кантар што ќе ги измери глупостите во битолскиот Совет
Последните советнички седници се претворија во комедии со лични дисквалификации и со ниски политички удари
БИТОЛА - Навредите станаа вообичаен начин на комуницирање меѓу власта и опозицијата во битолскиот Совет. Расправиите меѓу советниците излегоа од контрола и сосема го загубија нивото на политичката култура, без оглед дали се напаѓа власта или и' се реплицира на опозицијата. Има ли кантар што ќе ги измери глупостите, се прашуваат битолчани откако последните седници на Советот се претворија во комедии со лични дисквалификации и со ниски политички удари. На новиот начин на комуникација и целиот овој амбиент не остана имун ниту градоначалникот Владимир Талески.
Партиските препукувања ги има од стартот на седницата уште пред да се отвори расправа за првата точка од дневниот ред. „Вашата бескруполозност... “ е вообичаениот почеток на дискусијата од советникот на СДСМ, Томе Наумов, кој вака се обраќа кон колегите од власта. Претседателката на Советот, Лилјана Кузмановска, возвраќа: „Немојте со навреди, немаме уште почнато со работа, ве молам“, советува Кузмановска.
Советниците бараат начин како да бидат пожестоки и да остават што посилен впечаток пред камерите. Па така се користат реплики од познати филмови, се споредуваат личности со ликови од цртани филмови. И на последната седница истата реторика, но со уште поголема доза на иронија. Се наметна дискусија во која има прогноза до кога ВМРО-ДПМНЕ ќе биде на власт.
„Во 2013 година градоначалникот Владимир Талески сигурно ќе добие уште еден мандат, а вие ќе бидете во се' помал број“, предвидува советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Кире Крстевски.
Либералдемократот Горан Милевски не останува должен. „Вие да не сте баба Ванѓа, ама македонска, па кажувате тука кој ќе победел во 2013 година и колку советници ќе имала опозицијата. Ме интересира дали Крстевски го видел ова на стаклена топка или го гледа на карти“, прашува Милевски.
Меѓутоа, најголемото советничко шоу се развива околу споменикот на античкиот крал Филип Втори, кој две години никако да дојава со коњот на плоштадот „Магнолија“. Конфликтот се отвори откако советникот на СДСМ, актерот Борис Чоревски, го праша градоначалникот на Битола зошто на постаментот каде што треба да стои коњаникот Филип Втори, Талески си го напишал своето име и презиме.
„Филип Втори се' уште не е ставен на основата што мене ми личи на надгробен споменик. Сигурно сте биле во Белград, се разбира, сте шетале лево-десно. Дали некој ви има речено ќе се најдеме ‘код коња‘? Не, не е смешно. Ако сакате да се сретнете со некој пред Народното позориште во Белград, ќе ви каже дојдете ‘код коња‘. Но, тој коњ има име, пишува Кнез Михаил, а овде вашето име стои на споменикот. Дали дадовте денар од вашите пари за да го изградите тој споменик“, праша Чоревски.
Чоревски не го остави градоначалникот Талески без одговор.
„Кога ќе ставате кандидати на советничка листа, имајте некој критериум. Кај сте виделе на споменик да има основа. Чоревски многу добро знае дали сум бил во Белград, оти бев со него. Ама во едни добри времиња кога сите работевме во интерес на театарот. Сега е нешто сосема поинаку“, одговори Талески.
Битолчани со денови се шегуваат и околу к��нфликтот меѓу советничката на СДСМ, Наташа Струмениковска, и градоначалникот Талески. Тие, наместо да понудат решение за комуналните проблеми на граѓаните, се впуштија во лична пресметка.
„Кога ќе се реши проблемот со канализацијата и со одводот во населбата Стрчин? Огромни се штетите за нашите имоти и нашето здравје со оглед на тоа што се поплавуваме со фекална вода, која буквално извира од нашите домови. Во вашата агенда пишувате нова атмосферска канализација за населбата Стрчин, а ја нема“, загрижено праша Струмениковска.
Талески е инспириран од нејзиниот говор. „Не знам како гледала советничката зашто она што го работиме е под земја. Убаво е некогаш да ги разликувате работите. Исто како што кажувате дека жените не ги делите ни по нација ни по пол, а јас не знам како можете полово да ги поделите. Така и овој пат сте ја помешале фекалната со атмосферската канализација“, рече Талески.
Струмениковска не остана рамнодушна на ваквата реплика, па циркусот и гласното смеење во Советот продолжи. „Со каква почит се обраќате до мене и до вашите граѓани? Вашата почит кон овој Совет и кон жените воопшто не ја гледаме. На претходната седница одговоривте: „Не знам дали советниците се задоволни или задоволени од мојот одговор“, изјави Струмениковска, забележувајќи на ваквиот начин на обраќање.
Талески не застана, туку продолжи со провокациите. „Намерно така го кажав за да видам дали ќе ве испровоцирам, а тоа сум го постигнал во прилично добра мера. Вашите лични работи се ваш личен проблем. Нели вие ќе се ресетиравте? Е сега од ресетот да не добивте некоја друга конфигурација“, заврши Талески. Но, кавгите и навредите во битолскиот Совет и натаму продолжуваат. (А.Б.) |