Руинирани училишта, компјутери за секое дете
БИТОЛА - Проектот „Компјутер за секое дете“ ги зачудил Грците, Бугарите и Албанците присутни на неодамнешната конференција во Корча, учесници на проектот „Здружување преку твининг-соработка“, чиј носител е Општина Новаци. Но, истовремено биле разочарани од руинираноста на училишните објекти, кои не се подобри од оние во Пустец.
„Преставниците на општините Куфалија од Грција, Борован од Бугарија и Корча од Албанија оцениле дека македонското образование со компјутеризацијата на училиштата е чекор понапред од сите во регионот“, информира градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.
„Проектот на Владата за компјутери успешно го спроведуваме. Гостите се чудеа како го имаме направено тоа. Кај нас ова е новина и такво нешто нема ниедна од општините со кои соработуваме“, вели Котевски.
Во Новаци има едно централно и седум подрачни училишта со 250 деца и секое дете има компјутер. Сепак, на регионалната средба не изостанале и критиките за тоа во какви објекти се одржува настава.
„Поголема забелешка беше да се подобрат условите за учење, да се обнови инвентарот и да се донесат помагала. Образовните центри се во руинирана состојба и потребни се итни санации“, нагласи Котевски. За разлика од сите други општини во регионот, грчката Куфалија покажала предност во поглед на финансирањето на училиштата. Со децентрализацијата, таму општините имаат целосна контрола врз финансиите. (А.Б.) |