Бој Џорџ
Затворот му бил како училиште
Бој Џорџ раскажа за своето затворско искуство, кое, по се' изгледа, и не му било толку страшно. Бившиот фронтмен на „Калчр клаб“ го спореди затворот со училиште. „Ќе пронајдеш пријател, ќе појдете на кафе, менувате компакт дискови. Како да сте во училиште, освен што не можеш да си одиш од него“, рече пејачот, кој е деклариран хомосексуалец. Тој минатата година мина четири месеци во затвор, затоа што насилно држеше машка проститутка во својот дом и не го пушташе на слобода.
Покрај што во затворот се дружел, пејачот кажа дека многу време минувал читајќи: „Читав се' што ќе ми дојдеше под рака, притоа го слушав Дејвид Боуви. Имав желба да работам и во кујната. Иако претходно немав слично искуство, сите ми ги фалеа јадењата“, рече Бој Џорџ.
Инаку, осум години по распадот на една од најпознатите групи од осумдесеттите, „Калчр клаб“, тој најави враќање на музичката сцена. Бој Џорџ, Рој Хеј, Мајки Крег, Џон Мос и Сам Бејкер повторно ќе се соберат за да прослават 30 години од зачнувањето на култниот британски поп-бенд. Момците повторно ќе се појават заедно во април 2012 година, на денот кога излезе нивниот прв сингл „Вајт бој“. Има гласишта дека подготвуваат повратнички албум, кој светлината на денот треба да ја види 2011 година, по што ќе се подготвува и турнеја. „Ќе биде многу забавно. Долго имав желба повторно да се качам на сцената со ’Калчр клаб‘“, кажа пејачот Бој Џорџ, радосен што ќе ја има таа прилика пред да остари. „Да не го направиме тоа сега, сигурно ќе се случеше кога ќе имаме 60 години, што би било сосема трагично. Кога ќе тргнеме на турнеја идната година, ќе имам точно 50“, додаде карактеристичниот Џорџ, кој со имиџот на трансвестит стана икона во осумдесеттите години.
|