Maкедонските женски презимиња - проблем за Хрватска
На сопружниците што склучиле брак летоска во Скопје во Матичната канцеларија во Осиек одбиле да им го регистрираат бракот поради разлика во презимињата од едно „а“
Различните граматички правила во различни јазици можат да се претворат во брачно-бирократски проблем за кој е потребен дури билатерално- дипломатски ангажман.
Сопружниците што склучиле брак летоска во Скопје сакале да извадат документи во Хрватска, со оглед на тоа дека сопругата е родена во Осиек. Но, во Матичната канцеларија во Осиек одбиле да им го регистрираат бракот поради бизарна и неверојатна причина - разлика во презимињата од едно „а“. Оваа вистинска бирократска одисеја на македонско-хрватската брачна двојка ја пренесува весникот „Глас Славоније“.
Брачната двојка, сега обајцата Велкови, инаку веќе две години живеат и работат во Скопје. Во Хрватска отпатувале пред еден месец за сопругата да ги регулира административните обврски во нејзината родна земја, т.е. да извади лична карта и пасош со новото венчано презиме.
„Откако кај овластен преведувач плативме брз превод од македонски на хрватски јазик на македонскиот извод од Книгата на венчаните, повторно отидовме во Матично, каде што искрсна непремостлив проблем. На моминското презиме го додадов презимето на сопругот, но во женска форма, значи ’Велкова’, а не Велков. Тоа е сосема вообичаено во Македонија. И покрај тоа, матичарката одби да ни го издаде документот со тврдење дека немаме исто презиме. Кога се побунивме, таа се повика на одредбите од хрватскиот Закон за семејство, во кој никаде не го пишува тоа“, изјавиле сопружниците за локалниот весник „Глас Славоније“.
Истото им го одговорила и правничката во Канцеларијата на државната управа, која ги упатила да ја контактираат директната надлежна установа во Загреб, каде што им кажале дека можат да поднесат жалба. Поради долготрајната жалбена процедура, сопружниците Велкови со незавршена работа се враќаат во Скопје и се обраќаат во амбасадата на Хрватска во Македонија, каде што не можеле да поверуваат што им се случило. Во амбасадата на Хрватска во Скопје уште им рекле дека преку нив, госпоѓата Велкова може да добие документи со новото додадено венчано презиме, само што тоа ќе трае подолго и поскапо.
Госпоѓата Велкова, родена осиечанка, изјавила дека нема намера да поднесува жалба, но дека има намера да ги тужи матичарките во Хрватска врз основа на дискриминација и национализам, тврдејќи дека тие го повредиле нејзиното лично право и оспорувале официјален документ на земја со која Хрватска е во билатерални односи. (Ј.П.) |