Здравствени проблеми
Бебињата на вештачка храна склони кон дебелеење
Истражувањата покажуваат дека вештачка храна наместо доење во бебешкиот период може да предизвика здравствени проблеми во подоцнежниот живот
Бебињата што користат вештачка храна повеќе се подложни на срцеви болести и дебелина во текот на животот, покажува една нова студија. Најмалку 20 проценти од дебелината кај возрасните луѓе е предизвикана од прекумерно хранење во бебешкиот период, тврди професор Атул Сингал од Истражувачкиот центар за исхрана во детството МРЦ при Институтот за детско здравје во Лондон.
Додека бебињата кои цицаат го ограничуваат внесот на млеко бидејќи треба да работат многу за да го добијат, бебињата на вештачка храна лежат и го голтаат тоа што ќе им се даде. Опасноста, според Сингал, е што ќе им биде понудено повеќе отколку што им е потребно, така што го зголемуваат апетитот за иднина. „Кога се изложени на високопротеинска, масна храна тие имаат поголема веројатност да станат дебели“, вели тој.
Пораката до родителите и до здравствените професионалци е дека- се додека бебето е здраво и родено на време - на новороденчето не треба да му се дава екстра храна. Оние кои се на дното на картата за развој треба да останат таму, вели тој. Дебелите и крупни бебиња не секогаш се идеални.
Сингал е главен автор на студијата објавена во Американското списание за клиничка исхрана, каде што за првпат научно е утврдено нешто што било забележано кај животните и луѓето порано - дека прекумерната исхрана во раниот живот води до прекумерна тежина и придружни проблеми во подоцнежниот живот.
Сингал и колегите ги следеа децата учесници во две студии од 90-тите години, кога тие биле новороденчиња. Некои добивале хранливо збогатено млеко - сега им се дава само на слабите, предвремено родени бебиња - а други добивале стандардна бебешка храна. Оние кои добивале екстра исхрана имале масна маса, на возраст од 5 до 8 години, за 22 до 38 отсто поголема отколку оние кои биле хранети со стандардна бебешка храна. Поголемо количество масти во детството е познат ризик за прекумерна тежина во возрасното доба.
„Оваа студија покажува врска меѓу исхраната во раниот период и повеќе масти во подоцнежниот живот на луѓето, како што беше сугерирано во претходните студии и потврдено кај многу животни. Нашите заклучоци се цврсти, доследни, покажуваат ефект што е реакција на дозата и се биолошки веродостојни“, вели професор Сингал.
Меѓутоа импликациите од студијата се надвор од употребата на збогатено бебешко млеко, до прекумерно хранење на бебињата. „Во рамките на јавното здравство се поддржува доење кај општата популација, бидејќи е потешко прекумерно да се нахрани доенче“, додава Сингал. Тој посочува дека вештачкото млеко се базира на кравјо млеко, а кравите многу побрзо се здебелуваат отколку луѓето.
Не секоја жена може или сака да дои, но Сингал се надева дека оваа студија и другите активности на кои работи неговиот тим во последните 10 години ќе ги убедат родителите и професионалците дека на бебињата не им треба прекумерно хранење. Се додека бебето е здраво, никој не треба да се грижи за неговата или нејзината тежина. Професорот не сака мајките да се чувствуваат виновни ако имаат дебело бебе, но тие и здравствените професионалци „треба да признаат дека постојат прејадени бебиња“. („Гардијан“)
Најмалку 20 проценти од дебелината кај возрасните луѓе е предизвикана од прекумерно хранење во бебешкиот период Атул Сингал
Гушкајте ги своите деца почесто
Можат ли нежностите и допирите, како и брзиот одговор на потребите во раното детство да поттикнат развој на нежно и паметно дете? Се' повеќе истражувања покажуваат дека раниот развој на детето има исклучително значајно влијание врз развојот на неговиот карактер, како и физичкото и ментално здравје.
Тимот психолози од американскиот универзитет „Нотрдам“, под водство на професорот Дарси Нарваез, уште еднаш потврдија дека допирите и нежностите што им ги покажуваат родителите на своите бебиња влијаат децата да станат драги, интелигентни и повеќе да се грижат за другите.
Професорот Нарваез водел три посебни истражувања. Во првото бил споредуван развојот на деца во САД и во Кина, во второто биле проучувани деца на мајки тинејџерки што биле жртви на злоупотребување, а во третата група биле родители на тригодишници.
Сите три студии упатуваат на ист заклучок: децата на кои им биле искажувани повеќе нежности рано во животот, на крајот имале низа предности. Децата, чии родители ги држеле почесто во прегратка и на чие плачење брзо реагирале, како и оние што биле дисциплинирани без насилство, подоцна во животот покажале поголемо сочувство спрема другите. |