Број 3087  среда, 16 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Култура

Последниот танц на Патрик Свејзи

„Валкан танц“ и „Дух“ му донесоа светска слава, а ќе го паметиме и во „Север и Југ“ и „Пеколен бран“

Сунчица Уневска

Американскиот актер Патрик Свејзи, познат по улогите „Валкан танц“ и „Дух“, почина на 57-годишна возраст во понеделникот по речиси двегодишна борба со рак на панкреас. Од лани се знаеше дека Свејзи е тешко болен, му предвидуваа само неколку месеци живот, но бескрупулозните пишувања околу сето тоа сосем оправдано го предизвикаа Свејзи да реагира и да побара да го остават намира, бидејќи тој не се откажа, туку, спротивно, се бореше за својот живот и се надеваше дека ќе успее.

Така и беше, Свејзи навистина му се спротивстави на ракот, се разбира, онолку колку што можеше, се подложи на неколку различни терапии, а со поновата радиотерапија успеа малку и физички да закрепне. А и живееше подолго од она што му предвидуваа. Во интервјуто што и' го даде на Барбара Волтерс изјави дека воопшто не се откажува од животот и дека нема намера со никого да се прости, туку дека иако поминува низ пекол, сепак, се надева и сонува за долг живот. И на тоа, секако, имаше и право.

Патрик Свејзи беше една сосем необична појава. Светска слава стекна со улогата во „Валканиот танц“ (1987) и во „Дух“ (1990) и иако многу често негово обележје беа токму романтичните и меки улоги, сепак, Свејзи имаше и суровост и одлучност, имаше мажевност, која не само што му овозможуваше да игра и поинакви улоги, туку магазинот „Пипл“ го вброи и меѓу најсекси мажите во 1991 година. Од друга страна, иако сосем добро му стоеше улогата на решителен, страствен и суров водач на крадците-сурфери во „Пеколен бран“ („Point Break“ од 1991), сепак, Свејзи никогаш не беше ни тоа. Тој едноставно гравитираше некаде помеѓу тие улоги, си го имаше своето неприкосновено место и светска слава, доби и ѕвезда на „патеката на славните“, па, сепак, никогаш не стана голема ѕвезда.

А имаше навистина армија обожавателки. Го сакаа жените низ светот и имаше таков лик кој се памети, кој некако едноставно го чувствувате близок. Затоа и не е чудно што неговите најдобри улоги се токму бунтовниот, но вљубен учител по танц во „Валканиот танц“, каде што игра со младата богаташка Џенифер Греј, потоа во романтичната љубовна приказна, „Дух“ (1990) во кој со Деми Мур и Вупи Голдберг создадоа едно многу симпатично дело, кое имаше неверојатна гледаност. Силно обележје му даде и улогата во серијата „Север и Југ“ (1985), во која со Лесли Ен Даун беа прекрасна двојка.

Имаше Патрик Свејзи и три номинации за „Златен глобус“. Покрај за улогите во „Валкан танц“ и во „Д��х“, тој понесе номинација и за улогата во филмот „На Вонг Фу благодарност за се', Џули Њумар“, во кој играше трансвестит. Интересно е дека Свејзи не се плашеше да не го наруши својот имиџ, туку умееше храбро да се впушти во предизвици. Во „Дони Дарко“, инаку доста наградуван филм, играше педофил. Но, неговиот имиџ на топол и романтичен, а сепак груб и мажевен, како да не можеше да го наруши ништо. Жените го сакаа, а публиката го прифаќаше. За него неговата партнерка Џенифер Греј ќе рече дека имаше ретка, но прекрасна комбинација на сурова машкост и неверојатна отменост, дека Свејзи бил каубојот со нежно срце.

Свејзи играше во над 45 филма. Интересно е дека беше номиниран и за најлош актер во филмовите „Куќа на патот“ и „Браќа“, во кои им беше брат на Лијам Нисон и Бил Пакстон. Играше покрај големи ѕвезди во филмови на Ролан Џофе, Бибан Кидрон, Џон Ирвин, Марта Кулиџ или Кетрин Бигелоу. На самиот почеток од кариерата го одбележа и улогата во „Аутсајдери“ (1983), инаку филм на Френсис Форд Копола, кој тогаш собра плејада млади надежни актери, од кои повеќето и станаа ѕвезди. Покрај Свејзи, тука беа и Мет Дилон, Том Круз, Емилио Естевез, Роб Лоу, Ралф Мачио, Дајан Лејн. Необично е да се спомене дека Свејзи пишуваше и песни и дека беше награден како коавтор за песната во „Валкан танц“ насловена „Таа е како ветер“, посветена на неговата сопруга Лиза Ниеми. Но, играта на случајот сакаше тој подоцна да остане обележен со неколку улоги, кои му донесоа слава, но и една постојана линија, која можеби не одеше долу, но не одеше ниту нагоре.

Како и да е, Патрик Свејзи остана обележје на едно време, обележје на 1980-тите и на сите оние кои тогаш ја живееја својата младост. Со неа неизбришливо е поврзан „Валканиот танц“ и песната „Time of My Life“. Свејзи така и порасна. Тој е роден на 18 август во 1952 година во Хјустон, Тексас, а неговата мајка била кореографка, па уште од мал учел да танцува. Така ја запознал и својата сопруга Лиза Ниеми, уште кога таа имала 15 години и учела да танцува кај неговата мајка. Свејзи доживеал голема криза кога во 1982 починал татко му и кога во 1994 година се самоубила неговата сестра. Бил на лекување од зависност од алкохол. А со својата сопруга, која многу ја сакаше, остана целиот живот. Изјавуваше дека му е многу криво што режисерите не и' даваат улоги и не можат да забележат колку таа е надарена. Заедно играа во „Писма од убиецот“ и „Браќа“, како и во „Последниот танц“ во 2003 година, кој таа го режираше. Моментно сите го очекуваат најавениот римејк на „Валканиот танц“, но Свејзи не се откажуваше, па и болен ја одигра улогата на чикашки полицаец во телевизиската серија „Ѕвер“. Свејзи беше дел од нашата младост и како таков ќе го паметиме, пргав, жесток, нежен и мил, како посветен актер и како некој кој можеше да даде многу повеќе...


#
Статијата е прочитана 370 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Уметниците предупредуваат на судбината на Земјата
Културниот процес се гради на локално ниво
Промоција на Македонската енциклопедија на МАНУ
Под закана одложена претстава во Албанскиот театар
Поетски портрет на Тодор Чаловски во Кратово
Александра Петрушевска изложува во Виена