Уметниците предупредуваат на судбината на Земјата
На изложбата „Климатски промени = културни промени“, што ќе биде отворена на 24 септември, ќе учествуваат 14 автори
Катерина Богоева
Во галеријата на Амбасадата на Швајцарија во Скопје вчера беше презентирана ликовната изложба „Климатски промени = културни промени“ организирана од страна на Амбасадата и Светска банка, која официјално ќе биде отворена на 24 септември. Воедно, СБ го промовираше и Светскиот извештај за развој 2010 под наслов „Развој и климатски промени“.
Изложбата е втор заеднички проект на двете страни, минатогодишната ликовна презентацијата на 14 современи македонски уметници одеше под наслов „Уметност и развој“, а и годинава учествуваат исто толку, претежно млади автори чии слики, скулптури и инсталации, освен во галеријата и пред неа, ќе бидат поставени и во работните простории на СБ. Делата се продажни, а според критериумите десет проценти од нивната вредност, авторите ќе треба да ги наменат за хумани цели по сопствен избор. На годинашниот конкурс учествувале 40 автори, а селектирани се: Атанас Ботев, Благојче Наумоски, Ели Аиноска, Елпида Хаџивасилева, Емил Шулајковски, Гордана Апостоловска, Хилми Мехмети, Кристина Зимбакова, Микица Трујкановиќ, Мирна Арсовска, Мухамет Идризи, Невзат Бејтули Кица, Роберт Пашоски и Велимир Жерновски.
Единствено Мирна Арсовска учествува вторпат. Вели дека се здобила со големо искуство и е задоволна од соработката со организаторите. „Иако на првата средба тие се оградија од менаџерско - галериската работа, бидејќи тоа не е нивна професија и воопшто немаат искуство во тоа, „Уметност и развој“ профункционира како изложба во профи галерија. Делата и уметниците беа промовирани на најдобар можен начин. Јас добив поддршка и разбирање за моите скулптури. Тие беа изложени во јавен простор, видени (во галеријата и на веб-страница) и коментирани од многу луѓе, а една од нив, големиот печат дури доби и име „Шенген“. Скулптурите се модифицираат и егзистираат и понатаму. Така во следната поставка, печатот ќе биде поставен над локва мастило, мобилите се рекомпонирани во галерии во Хрватска итн.
За оваа изложба одговорив на конкурсот, бидејќи веќе се подготвував за продукција на делото со кое конкурирав. Идејата за мобилни корени и фактот за појавата на новиот „еколошки“ номадизам, потполно се надополнија. Моите очекувања од оваа изложба се дека таа ќе се вмрежи со ваков вид изложби низ светот, и на некој начин ќе ја подигне свеста за еколошката состојба на планетата Земја“.
Уметниците велат организаторите, биле по��анети да создадат провокативни уметнички дела, да ги поттикнат луѓето да погледнат кон глобалните предизвици на климатските промени. „Климатските промени се едни од денешните најголеми предизвици со кои се соочува човештвото. Претставуваат фундаментални политички, економски, еколошки и социо-културни предизвици, кои се однесуваат на сите. Ние мора да дејствуваме – сега, заедно и на поинаков начин“ – стои во предговорот од каталогот за изложбата, каде организаторите посочуваат дека климатските промени, повикуваат на културни промени. „Македонските уметници кои учествуваат, преку нивните дела не охрабруваат да развиеме нова свест и да го промениме начинот на кој се согледуваме себе си и светот. Покрај зголемувањето на свесноста и поттикнувањето дебати, исто така не повикуваат да реагираме. Навидум, климатските промени се проблем на иднината, но иднината се оформува во сегашноста. Затоа, сите ние треба да реагираме сега“.
На 24 септември, пред галеријата на Швајцарската амбасада во центарот на Скопје, младиот Велимир Жерновски ќе ја постави својата инсталација во големи димензии „Рапсодија за времето“, што ќе биде составена од автомобил пресечен на пола и две човечки фигури. Вели дека ќе претставува проекција на идни катастрофи, што му претстојат на човештвото доколку не им се обрнува внимание на климатските промени. Авторот е познат граѓански активист кој со своето творештво се осврнувал на теми за човековите права, а сега прв пат работи еколошка тема. Ликовната уметница Ели Аиновска од Охрид, учествува со слика во Банката, а во галеријата со четири идентични објекти, бели песочни планети меѓу кои ја сместила и планетата Земја. „Знаеме како досега влијаела природата врз творештвото, но возможно е Земјата да изгледа како и во презентираните објекти, ако продолжи да се движи во правец во кој се движи и денес“. Меѓу поставените во галеријата, се и делата на Благојче Наумовски: „Глобализација - внатре - надвор“ и на Мухамед Идризи „Екологија“. Иако на Наумовски климатските промени не му се творечка преокупација, вели дека спонтано ја направил инсталацијата составена од рентгенска снимка на човечко тело и фотографии. „Го претставив мојот револт кон она што се случува со Планетата, она што ние и го правиме и последиците што ги добиваме назад“.
Делото на Идризи поставено до самиот влез на галеријата, претставува количка полна со смет од цивилизираните жители на Планетата за која самите сметаат дека е единствената на која има живот.
|