Брoj 2782  вторник, 09 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Контрапункт

Брановите на Кондратјев

Никола Гелевски

Битно е да предвидуваме барем малку повеќе од дневните политички заслепености кои во еден момент ни изгледаат како да се цел свет, а веќе утре плукаме во бунарот од кај што сме црпеле



Пред самостојноста беше Југославија. За неколку година, ако не' послужат умот и храброста, нашата рамка ќе биде Европската унија. Државата, идентитетот, интеграциите, малите човечки влогови во големите историски игри, минатото, сегашноста, иднината - сето тоа е на куп, секогаш, и влогот секогаш, по правило, е голем.

Затоа е битно покрај храброста да не' води и умот. Битно е да предвидуваме барем малку повеќе од дневните политички заслепености кои во еден момент ни изгледаат како да се цел свет, а веќе утре плукаме во бунарот од кај што сме црпеле.

Тоа е само една од причините зошто не треба да се потценува минатото. Зашто она што ја легитимира сегашноста, како што вели големиот историчар Хобсбаум, не е збирот референтни точки (на пример, во случајот на Македонија, двата Илиндена и Осми септември), дури ни трајноста на институциите, туку тоа е минатото кое низ нашето прифаќање или отфрлање станува сегашност.

Односот кон минатото, значи, ја одредува нашата сегашност. Историјата не може да побегне од иднината зашто меѓу нив не постои цврста линија на раздвојување. Она што во моментов го читате веќе влегува во минатото. Крајот на текстов е иднина до која брзо ќе дојдете. Помеѓу стои нестварната сегашност. Минатото, сегашноста и иднината, всушност, се вид континуум, без јасни шевови.

Сегашниве македонски обземености со минатото (од античкото, преку социјалистичкото, до транзиционото) не само што ја создаваат нашата сегашност, туку во најголем степен го одредуваат и нашиот идентитет. Затоа тие наши современи опсесии се толку битни. Различните мислења за минатото, за неговата важност, за потребата да се помни или заборави, всушност, се различни мислења за нашата сегашност и за самите нас во сегашноста. Тоа можеби најдобро го гледаше Валтер Бенјамин кога велеше дека артикулирањето на минатото на историски начин не значи да се осознае „што навистина се случило“; „тоа значи да завладееме со сеќавањето, и тоа во моментот кога тоа ќе блесне во моментот на опасност“.

„Објективното минато“, значи, не постои. Историчарите велат дека нашата општествена слика за она што поминало е „контекстуално условена интерпретативна реконструкција на минатото“. Историчарот Х. Дубил, на пример, вели дека е проблематично какво било поставување на нултиот час (резот, дисконтинуитетот) во историскиот процес: „Дури и ако, поради војни и револуции, се распаднат институционалните рамки на едно општество, успеваат да опстанат симболите и менталитетот со чија помош стариот поредок ги врзувал луѓето за себе“.



Ја спомнувам, инаку, СФРЈ, на почетокот на текстов, зашто мислам дека политичкото искуство од бившата земја е формативно искуство и за следните генерации. Проблемите што ги имавме во СФРЈ допрва одново ќе ни се појават кога пореално ќе затропаме пред вратата на ЕУ. Некои решенија што ги сметавме за комунистички или подбивно „самоуправни“ одново ќе ни се појават во нашата политичка иднина, како впрочем и што се појавуваат низ елементите од Рамковниот договор. Како што вели Борис Буден, бившата Југославија има многу повеќе врска со идната Европа отколку што нашите мали хендикепирани национални држави, т.е. окупациски зони и протекторати, имаат врска со современиот свет.

Ако овдешнава политичка глупост не не' спречи за неколку години да влеземе во ЕУ, ќе испадне дека самостојна самостојна („господин господин“) Македонија траела само дваесетина години. И можеби тогаш пак ќе се вратиме на искуството (кое сега го игнорираме, а понекогаш и фалсификуваме) на речиси сите битни Македонци од 19 и 20 век кои ја гледале Македонија како дел од поголеми сојузи и од покомплексни политички творби.

Можеби тогаш појасно ќе сфатиме дека фамозниот идентитет се гради многу посилно и подолгорочно низ релации и постојани споредувања и натпреварувања. Дека идентитетот не е „есенција“, „праначело“, оска, еднаш засекогаш даденост, туку дека е менлив, непостојан, флуиден, релационен...

Можеби тогаш овој не многу успешен период од дваесетина години (во кој рамноправно владееја две рамноправно неуспешни партии, ВМРО и СДСМ) ќе ни изгледа само како една релативно кратка синусоида удолу, по која следува неизбежната консолидација? Економските историчари, впрочем, знаат за таканаречените „долги бранови на Кондратјев“, историски периоди во должина од дваесет до триесет години во кои се случуваат континуирани економски подеми или падови.



Тие Кондратјеви долги бранови можат да се следат барем од осумнаесеттиот век наваму и историчарите се' уште немаат објаснување за таквите циклуси. Но, токму Кондратјевите бранови треба да им укажат на посериозните аналитичари на моќта на поглобалните трендови. Ниту политички и економски волшебници, на пример, не можеа да го спречат економското пропаѓање на сите источноевропски земји (меѓу нив и Македонија) во почетокот на деведесеттите. Но, политичката вештина беше многу важна во брзината со која тие економии закрепнуваа по големиот шок.

Историските предвидувања, сепак, особено во новиов век, се крајно проблематична работа. Веќе по Втората светска војна историските и политичките прогнози почнаа да паѓаат во вода како никогаш дотогаш.

На пример, по таа војна сите очекуваа голема повоена криза, а се случи триесетгодишен невиден економски раст во целиот свет, кој траеше се' до енергетската криза во почетокот на седумдесеттите. Во новиот век драстично е зголемен бројот на факторите што влијаат на глобалните процеси. Тоа е една од причините зошто прогнозирањето оди се' потешко.

(Авторот е издавач)


Статијата е прочитана 779 пати.

Испрати коментар

Од: macor
Датум: 09.09.2008 02:56:20
vo pravo e avtorot, sekoja izminata sek. e istorija,sto e so idninata ? i zatoa gi molam politicarive da ne me zamaraat so ''praistorija'', aleksandar mi e rodnina kolku i vinetu,hunzite kolku i argentincite...ostanuvaat na povrsina vrz nasata siromastija i neukost, koga podobro bi ziveele, bi imalo pomalku patrioti i predavnici...dali se sekavate kako pred nekoja god smetavme deka e predavstvo da se zbori albanski vo parlamentot ? ne se sekavam nekoj predavnik da bese obesen,a nekoj patriot vozdignat...i ne me zamarajte so "MK do indija" na todor petrov,namerno mu gi pisuvam inicijalite so mali bukvi, izjavi na ilinden deka ke stignel do indija i kina,po stapkite na ''carot nas'' aleksandar....poznavav veke edna ''srbija do tokio''....

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Тачи не е загрижен поради одлевањето на членството
Зденко
Бесланските гробишта како опомена
Црвенковски е инфузија, но не и терапија за СДСМ
Македонија одбележа 17 години независност и самостојност
Струен удар
Кремљ не се откажува од признавањето на Јужна Осетија и Абхазија
Лифтот на Милениумски крст пуштен во погон
Струјата поскапува за 16 отсто, за најсиромашните социјални пакети
Гајдите стивнати, претстои берба на „лалињата“
Враќање на шешељизмот
Наместо за учење, компјутерите во училиштата служат за украс
Вербатим
На Кораб се искачија рекордни1.700 планинари

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.