Планинарење
На Кораб се искачија рекордни1.700 планинари
Киро Кипроски
Штировица - Убавините на планината Кораб, 17-годишната традиција за масовно искачување на покривот на државата - Голем Кораб (2.754 м), во чест на 8 Септември - Денот на независна Македонија, и сончевото и топло време беа голем предизвик завчера над 1.700 планинари да стигнат до целта. Едни се искачуваа, други се симнуваа, на повеќе места групно одморање, појадок и освежување, да се добие кондиција за да се издржи напорот и предизвикот на планината, за да се стигне на врвот. Врвулицата која започна во 8 часот траеше се' до стемнување, до 19 часот.
Годинава беше соборен рекордот на учесници што беше регистриран во 2006 година кога учествуваа 1.480 учесници. Годинава имаше над 1.700 учесници на сите возраст, мажи и жени, деца и младинци, речиси од сите краеви на нашата држава, како и гости од 21 држава од светот: од Индија, Чешка, Полска, Шведска, Шпанија, Холандија, Германија, Австрија, Франција, од сите соседни држави и од сите поранешни југословенски републики, како и претставници од сите амбасади во нашата држава. На граничниот столб на македонско-албанската граница на Голем Кораб, имаше поставено спомен-книга во која се запишаа над 800 учесници што се искачија на врвот. (К.К.)
|