Гајдите стивнати, претстои берба на „лалињата“
И покрај победата од 1:0 над Шкотска, селекторот Катанец незадоволен од играта во вториот дел
Роберт Димитриевски Миодраг Мицковиќ
Македонија ја прослави втората по вредност победа во својата 15-годишна фудбалска историја, совладувајќи ја со 1:0 селекцијата на Шкотска, 16. на листата на ФИФА, на стартот од квалификациите за Светското првенство 2010 во Јужноафриканската Република. Најзначајниот триумф беше оној од 2:0 минатиот ноември над Хрватска, тогаш десетторангирана во светот, во квалификациите за годинашното ЕП во Австрија и Швајцарија. Коинциденцијата совршено ја дополнува без малку празничната атмосфера пред утрешното гостување на уште една врвна репрезентација, четвртата светска сила во моментов Холандија. Апетитите на македонските вљубеници во најпопуларната игра на планетата ги крена до небо подвигот против Шкотите, но селекторот Среќко Катанец ја спушта топката на земјата.
„Одигравме одлично прво полувреме, во второто многу послабо. Топлото време го стори своето, некои слабости што ги покажавме во текот на играта ги надоместивме со голема борбеност. Мораме и можеме да играме подобро“, вели Словенецот на македонската клупа. „Не' очекува многу потежок противник. Холандија, за мене, заедно со Шпанија, игра најубав фудбал во Европа. Ќе треба многу повеќе да трчаме, да подобриме некои недостатоци во фазата на нападот. Холандија е голем фаворит, иако во последните две средби со нив во Скопје и во Амстердам ремизиравме. Но, тоа е минато, не треба сега да размислуваме на тие резултати, треба да се свртиме кон утрешниот меч“.
Катанец го радува тоа што нема повредени играчи, па единствената дилема со Стручниот штаб им е дали треба нешто да се менува во смисла да се уфрли поодморен играч во тимот. Селекторот вели дека не стравува од ниеден холандски фудбалер.
„Холандија игра брз, модерен фудбал. Ние во нашата игра, по мечот со Шкотска, треба некои работи да ги поправиме за да можеме да се спротивставиме на една толку силна репрезентација. Јас од моите играчи никогаш досега не сум барал резултат. Барам да играат фудбал, да одиграат најдобро што знаат, а тие тоа го можат. Холандија ме одушеви на средбата со Италија на Европското првенство, но дали така и како ќе играат сега во Скопје против нас, ќе видиме. Мораме да бидеме подготвени за се'. Јас верувам во овој тим“, потенцира Катанец. „Кога еден новинар ме праша дали сме ние фаворити во групата за второто место, не можев со сигурност да ��дговорам. Колку што ние размислуваме за мечот со Холандија, верувам дека и тие размислуваат за нас. Двапати не не' победија. Сега мислам дека имаме посилен и поподготвен состав, кој со извесни корекции во играта може секого да изненади“.
На вчерашната прес-конференција присуствуваше и капитенот Гоце Седлоски.
„Холандија е светска сила, вистински фудбалски гигант и не е потребно многу да говориме за нашиот утрешен противник, бидејќи тие тоа го покажаа на многуте светски и европски првенства. Едно е сигурно - нема да се браниме. Катанец тоа никогаш од нас не го бара“, порача популарниот Седло. „Сега, кога имаме три бода од мечот со Шкотска, можеме да играме многу порелаксирано, што е плус за нас. Нашата сила е во колективната игра, што се покажа и на средбата со Шкотлаѓаните. Навистина, попуштивме во второто полувреме, но верувајте дека долу на теренот беше како во котел. Одвај се движевме, но, сепак, издржавме на таа пеколна температура што говори дека сме физички добро подготвени. Со Холандија под рефлектори ќе биде друга игра и сигурно дека ќе прикажеме подобар фудбал. Бод за нас би бил голем како планина“.
Големата радост против Шкотска ја донесе Илчо Наумоски уште во 5 мин., кога одбиената топка од десниот дирек по слободниот удар изведен од Седлоски ја испрати во мрежата на Крег Гордон.
Непосредно пред да биде заменет во 69 мин. Наумоски самиот си создаде уште една можност за гол, но неговиот удар од 7-8 м Гордон го одбрани. Голема шанса за погодок не реализира ни Горан Пандев, кој само му ја додаде топката на Гордон по молневитата акција во која учествуваше и Величе Шумуликоски.
Во листата на стрелците можеше да се впише и Горан Мазнов, но неговиот удар беше изблокиран. Мазнов учествуваше и во акцијата во која чешкиот судија Павел Краловец можеше да покаже на белата точка, бидејќи нашиот напаѓач беше соборен од Гордон во шеснаесетникот. Пенал бараа и Шкотите по стартот на Петар Милошевски над Џејмс Мекфаден во 71 мин., а Милошевски спречи израмнување и шест минути подоцна преку нововлезениот Крис Камонс, како и во последната минута преку Шон Мелони.
Македонија - Шкотска 1:0
Полувреме: 1:0. Стадион: Градски во Скопје. Гледачи: 10.000. Главен судија: Павел Краловец од Чешка. Жолти картони: Шумуликоски, Пандев и Наумоски од Македонија, Мекфаден од Шкотска.
Македонија: Милошевски, Новески, Петров (од 79 мин. Грнчаров), Седлоски, Митрески, Гроздановски, Шумуликоски, Мазнов, Пандев (од 83 мин. Тасевски), Наумоски (од 69 мин. Трајанов), Лазаревски. Селектор: Среќко Катанец.
Шкотска: Гордон, Александер, Нејсмит, Мекманус, Калдвел, Хартли (од 66 мин. Камонс), Флечер, Браун, Милер (од 81 мин. Бојд), Мекфаден, Робсон (од 76 мин. Мелони). Селектор: Џорџ Барли. |