Со германска помош ударнички ќе се обновуваат хидроцентрали
Банката ќе додели 60 милиони евра, од кои 33 ќе бидат за изградба на ветерна фарма во Богданци
Маја Томиќ
Германската КФВ банка ќе ја кредитира ревитализацијата на шест хидроцентрали во земјава, како и изградбата на парк на ветерници во Богданци. Тоа е во рамките на проектот што е дел од програмата за енергетска ефикасност, договорена во 2009 година меѓу Македонија и Германија. Вкупната сума на кредитот изнесува 60 милиони евра. Како што рече министерот за финансии, Зоран Ставрески, на вчерашното потпишување на договорот, 27 милиони евра од нив ќе бидат за обновување на хидроцентралите „Глобочица“, „Врбен“, „Равен“, „Вруток“ и „Шпилје“, а ЕЛЕМ ќе додаде и свои 4,7 милиони евра. Другите 33 милиони евра ќе бидат за изградба на парк на ветерници во Богданци, кој треба да произведува 100 гигават-часа струја годишно. Таа инвестиција се проценува на 75 милиони евра.
„Кредитот е даден под исклучително поволни услови, на 15 години, со грејс- период од пет години и каматна стапка од под еден отсто. Се планира во првата половина од 2011 година да се склучи техничкиот договор за изградба на паркот на ветерници во Богданци, кој ќе има голема корист за Македонија“, рече Ставрески.
Според директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, со кредитот во шесте хидроцентрали ќе се модернизира електричната и хидроопремата, ќе се инвестира во градежни работи, а ќе се имплементира и модерен систем за набљудување на браните.
„Проектот, според плановите и динамиката, треба да биде имплементиран до крајот на 2013 година. Главните бенефити се зголемување на моќноста на ХЕЦ, дополнително количество еколошки прифатлива енергија од 50 гигават- часа годишно, намалување на трошоците за одржување, зголемување на работниот век на опремата и поголема безбедност на браните“, посочи Чинговски. Додаде дека со набавката на БТО-системот за РЕК „Битола“ , паркот на ветерници во Богданци и со проектот за ревитализација на ХЕЦ, сите финансирани од КФВ банката, оваа банка станува стратегиски партнер на ЕЛЕМ во инвестицискиот циклус во енергетиката.
Директорот на КФВ банка за Македонија, Јурген Велшов, информира дека во име на владата на Германија банката работи на повеќе проекти во Македонија. Вкупниот износ на доделените средства изнесува 200 милиона евра. Досега најмногу се кредитирало во водоводната и во канализациската мрежа, во заштитата на животната средина, во микрофирмите, малите и средните фирми, а во последно време се' повеќе и во енергетиката. |