ТАВ заинтересиран и за загрепскиот аеродром
ТАВ е заинтересира�� за изградба на загрепскиот аеродром, соопшти хрватската премиерка Јадранка Косар, која изминатите денови беше во посета на Турција, каде што на бизнис-заедницата и' претставила 30 конкретни проекти за кои Хрватска бара инвеститори. Еден од нив е изградбата на загрепскиот аеродром. На прашањето на хрватските новинари дали се сигурни дека кога ќе се распише наддавањето за изградба на аеродромот ќе се јави и турски ТАВ, Косар изјави. „Се претпоставува, морам да бидам внимателна кога се во прашање вложувањата во овие проекти, но претпоставувам“. Хрватските медиуми пишуваат дека според оптимистичкото сценарио, проширувањето на загрепскиот аеродром би почнало за една година, а првата фаза би била завршена во почетокот на 2015 година.
Турски ТАВ од март годинава е концесионер на македонските аеродроми и веќе се одвива модернизацијата. Аеродромот „Александар Велики“, модерен и во ново руво, треба да биде пуштен во употреба на 20 октомври 2011 година. Целата инвестиција на ТАВ во Македонија треба да чини 200 милиона евра, заедно со модернизацијата на охридскиот аеродром и карго-аеродромот во Штип, за кој се' уште е неизвесно дали воопшто ќе се гради. Инаку, холдингот ТАВ, најголем сопственик на аеродромски терминали во Турција, неодамна соопшти дека планира да го прошири бизнисот во Северна Африка, Блискиот Исток и во Источна Европа, во настојување да го зголеми бројот на патници во една година на 70 милиони, од сегашните 40 милиони. (С.М.) |