Број 3445  вторник, 30 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter
Економија

Тајкуните сакаат поголем данок

Милијардерите Ворен Бафет и Бил Гејтс, поддржани со петиција од 45 милионери, бараат да им се зголемат даноците

Американскиот Конгрес до крајот на годината треба да одлучи дали даночните повластици од времето на Буш ќе останат во сила или, пак, бидејќи се орочени, да престанат да важат. Демократите на Обама сметаат дека помалите даноци треба да ги плаќаат само припадниците на средната класа, додека најбогатите Американци, оние што заработуваат над 250.000 долари годишно, во иднина ќе мора да плаќаат повеќе.

Републиканците, пак, сметаат дека данокот и натаму мора да биде помал за сите, со аргументот дека кога повеќе им останува на богатите, повеќе и трошат, а од тоа има корист цела економија. Идејата дека најбогатите на државата треба да и' даваат повеќе ја прогласуваат за „класна војна“, што ја почнува „социјалистот“ Барак Обама. Меѓутоа, на овој „социјалист“ неочекувано му прискокнаа во помош најголемите капиталисти.

Прв се изјасни Ворен Бафет, според листата на „Форбс“ трет најбогат човек на светот, „тежок“ околу 47 милијарди долари.

„Мислам дека луѓето, како што сум јас, мора да плаќаат многу повисок данок. Нам сега ни оди подобро од кога било“, изјави тој во интервју со Кристијан Аманпур. Во тоа интервју имаше и посебна порака за Конгресот: „Оданочувајте ме!“ Според него, ако и натаму се применуваат даночните повластици на Буш, тоа е погрешна стратегија за излез на Америка од фискалната дупка во која падна.

„Богатите секогаш ќе говорат: оставете ни нам повеќе пари и ние ќе ги трошиме за доброто на сите... Тоа не функционираше во последните 10 години и се надевам дека американската јавност го сфати тоа“, рече Бафет.

Освен тоа, Бафет напиша и посебно „писмо до вујко Сем“, кое е објавено на коментаторските страници на „Њујорк тајмс“, во кое констатира дека интервенциите на државата кога кризата беше на највисок степен, ја спасија земјата од економски колапс, со кое им се стапна на нога на републиканците што државните интервенции ги сметаат за главна причина за намалената сила на американската економија.

Со слична порака, оданочувајте не' повеќе, излезе и Бил Гејтс, основач на „Мајкрософт“ и со години прв на топ-листата на најбогати луѓе на планетава. Нему овој пат се придружи и татко му: двајцата сметаат дека треба да се воведат дополнителни, прогресивни даночни стапки за оние што заработуваат над 250.000 долари годишно.

На сето ова дојде и отворено писмо-петиција упатено до Обама, кое го потпишаа 45 лица што се нарекуваат „патриотски милионери“, во кое бараат даночните повластици на Буш да се прекинат „во интерес на фискалното здравство на нашата нација и доброто на сите наши сограѓани“. Еден од потписниците, познатиот калифорниски адвокат Гај Саперстејн, акцијата ја образложи вака: „Мислам дека земјата е во неволја“, изјави за агенцијата АФП. „Во тешки времиња, слојот на врвот на кој му одеше одлично треба малку да се жртвува и тоа нема да биде големо жртвување... Ние имаме најниски даночни стапки од која било индустриска демократија“.

Саперстејн тврди дека петицијата, всушност, ја потпишале 1.500 милионери, но не сакаат сите да се знае тоа. АФП го цитира и Филип Велерс, исто така, потписник на петицијата, кој смета дека даночните повластици од почетокот на првиот мандат на Буш овозможиле „несразмерна корист за богатите и оти придонеле за тековните економски проблеми“.

„Се' што се бара е да се признае дека нашата земја е заслужна за нашиот просперитет“, коментираше еден од групата „патриотски милионери“.

Меѓутоа, оваа иницијатива секаде не собра аплаузи. На Ворен Бафет, сосема очекувано, му се спротивстави водителскиот одред на конзервативниот „Фокус њуз“ на ТВ-мрежата во сопственост на глобалниот медиумски тајкун Руперт Мардок. „Престанете да им држите лекции на богатите“, гласеше нивната порака. „Ако сакате нешто да и' подарите на државата, напишете личен чек“.

Бранејќи ги повластиците за богатите „Фокс“ ги обвини демократите дека „водат класна војна“ во која, како што стојат работите, на Обама му се приклучуваат и некои од редовите на оние против кои, наводно, напаѓа. (Политика)


#
Стати��ата е прочитана 974 пати.

Испрати коментар

Од: Др. мед. Крсте Н.поп/Стефанија
Датум: 30.11.2010 17:02:14
АМА,ТОА СЕ ВОРЕН и БИЛ ГЕЈТС, КОИ ПОМАГААТ .а не се бц. и неговата мафија која краде како СТРАЧКИ. крсте

Најди! во Утрински
Економија
Со германска помош ударнички ќе се обновуваат хидроцентрали
ТАВ заинтересиран и за загрепскиот аеродром
Лет во место за „Скај вингс“
Цените на недвижeн имот во Париз рушат рекорди
Повеќе трошиме, а помалку се грееме
 


Macedonians do not trust EU policy towards their country
Hungarian journalists awarded for courageous reporting
Macedonia's secret surveillance society