Странски капитал во „земјата на орлите“
Светска банка ја рангираше Албанија меѓу десет земји со најмалку комплицирана процедура за бизнис
Белград - Во време на економски турбуленции во многу земји, Албанија, некогаш најсиромашна и изолирана европска држава, бележи стабилен стопански раст, со што се' повеќе го привлекува вниманието на странските инвеститори. Економистите, вклучувајќи ги и оние од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), очекуваат дека нејзиниот раст на општествениот бруто-производ годинава ќе биде најмалку шест проценти, што ќе биде најголема стапка во Источна Европа. Истовремено, Светска банка ја рангираше Албанија, која има 3,3 милиони жители, меѓу „топ 10“ во светот според законските олеснувања за странските инвеститори и' го додели првото место на Балканот.
Албанците веќе добија покана за влез во НАТО, а во 2009 година очекуваат нивната земја да стане кандидат за влез во ЕУ, што секако ќе ја направи уште попривлечен стопански партнер за странците. Премиерот Сали Бериша неодамна изјави за Ројтерс дека основните цели на неговата влада се борбата против корупцијата, продолжување на приватизацијата, намалување на даноците и воведување многу либерални закони за бизнис, кое, низ посебни повластици за странски капитал, треба да ги зголеми странските инвестиции во Албанија.
Ова лето во земјата е остварена најголема приватизација од уривањето на комунизмот (1990): државните рафинерии се продадени на американско-швајцарската група АМРА за 125 милиони евра. Бериша посебно го потенцираше значењето на поврзувањето на земјоделството со Косово, што би требало да ги развива трговијата и туризмот и да го оживее сиромашниот север на земјата. За таа цел во план е изградба на пат од границата со Косово со албанското пристаниште Драч.
Интересот кај странските инвеститори за Албанија го потврдува долгиот список на странски компании кои започнаа преговори или бизнис во „земјата на орлите“. Италијанската компанија „Енел“ се подготвува во Албанија да изгради термоелектрана, а заинтересирана е таму да изгради и нуклеарка. ЕВН од Австрија се наоѓа пред склучување договор за изградба на термоцентрала, работа вредна околу милијарда евра.
Грчките и шпанските компании започнаа изградба на цементарница во Албанија, а Британците се кандидати за изградба и опремување на неколку пристаништа. Залетот на Албанија, велат експертите, е добар иако таа и ��онатаму со Молдавија е најсиромашна земја во Европа, со многу внатрешни проблеми. „ Имаме многу проблеми, а главниот проблем е корупцијата“, признава Бериша, незадоволен и со функционирањето на правниот систем.
Познато е дека ЕУ често ги предупредува Албанците да ја засилат борбата против организираниот криминал и корупцијата, додека опозицијата ја критикува владата дека дозволува „градежен хаос“.
Посебно важен сектор за Албанија е туризмот, бидејќи земјата има околу 360 километри морски брег. Целта тука да се ангажираат што повеќе странски инвеститори засега ја ограничуваат недостатокот на енергенси, неразвиениот сообраќај, несредениот простор, нерешени имотноправни односи... Сепак, во Тирана велат дека голема соработка во туризмот „им нудат најпознатите светски компании од САД, Германија, Италија...“ (Танјуг) |