Граѓаните под удар на нов бран поскапувања
Најавата за повисоки цени се оправдува со скокот на цените на репроматеријалите на светските берзи
Александрија Стевковска
Граѓаните наскоро ги очекува нов бран поскапувања на сите производи: храната, облеката, обувките. Производителите ја оправдуваат најавата за повисоки цени со скокот на цените на репроматеријалите на светските берзи, кои директно ги диктираат и цените на финалните производи кај нас. Дополнително отежнувачки фактор е најавата за поскапување на струјата, кое ќе ги фрли на колена производителите чиј процес на производство директно зависи од струја. Најавата за нови поскапувања доаѓа во време кога граѓаните очекуваа задржување на сегашното ниво на цените на производите поради поголемата продукција на суровини годинава, за разлика од минатата кога сушата го десеткуваше производството на храна, но и делумното стабилизрање на флуктуирачката цена на нафтата на светските берзи.
„Годинава цените се горе-долу стабилизрани, благодарение на подоброто снабдување со репроматеријали за производство, односно пченица, а и цената на нафтата сега не бележи рапидни скокови како минатите месеци. Сепак, најавата за поскапување на струјата ќе биде голем удар за нашето производство, со оглед на тоа дека тоа е повеќе зависно од струјата, што дава јасни сигнали дека ќе има и реакција преку зголемување на цените на финалните производи: лебот, белите печива“, најавува Румен Смилевски, директор во мелничко- пекарскиот комбинат, „Жито продукт“.
Раст на цените најавува и фабриката за кондиторски производи, „Европа“.
„Доставувачите веќе ни најавуваат нови цени на суровините за работа и тоа за цели 20 до 30 отсто, поради растот на нивните цени на светските берзи. На овие најавени повисоки цени на репроматеријалите ќе се надѕидаат нестабилните цени на нафтата, но и најавата за повисока цена на струјата, што неодминливо ќе се одразат врз крајната цена на кондиторските производи. Таквата реакција е неодминлива, но ќе се потрудиме тој процент да биде помал“, вели комерицјалната директорка во „Европа“, Ефка Кузмановска.
И истражувањата на Државниот завод за статистика покажуваат дека производството влегува во понеповолен период, а обемот на производството изминативе три до четири месеци варира. Според производителите, во наредниот период просечните набавни цени на инпутите ќе растат, како и просечните продажни цени на готовите производи. Статистичарите забележале дека тековната економска состојба на претпријатијата во август 2008 година, според нивните раководители, е поповолна во споредба со претходниот месец, но обезбеденоста на производството со порачки е понеповолна во однос на јули, а залихите на суровини и репроматеријали, тековните набавки на суровини и репроматеријали, како и залихите на готови производи, не бележат поголеми промени и се под и околу нормалата. Според статистика, просечното искористување на капацитетите на претпријатијата во август во однос на претходниот месец е зголемено и изнесува 66 отсто. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имале недоволната домашна побарувачка со16 отсто, неизвесното економско опкружување со 11,9 проценти, финансиските проблеми со 11,9 отсто и недоволната странска побарувачка со14 проценти.
|