Американскиот Конгрес ќе го прифати планот на Буш?
Планот на американскиот претседател Џорџ Буш за стабилизирање на финансискиот пазар во САД, најверојатно, ќе се оствари. Лидерите на демократите и на републиканците во американскиот Конгрес објавија дека постигнале договор за прифаќање на владиниот план за спасување на најзагрозените банките во вредност од околу 700 милијарди долари, но очекуваат детали на хартија пред да го финализираат.
„ Постигнат е голем напредок, но тоа треба да го формулираме на хартија за да можеме официјално да го објавиме договорот“, изјави претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, по преговорите кои во саботата траеја цела ноќ.
Ставот на Пелоси го потврди и министерот за финансии,Хенри Полсон. „Постигнавме важен напредок кон договор кој ќе биде ефикасен за пазарите и за сите Американци“, изјави тој.
Неименуван претставник на републиканците, пак, потврди дека по долгата ноќ преговори останале спорни помалку од 12 прашања.
Стабилизирањето на американскиот финансискиот пазар беше главна тема и во дебатата меѓу главните кандидати за претстојните ноемвриски претседателски избори во САД - републиканецот Џон Мекејн и демократот Барак Обама, која ја фрли во сенка дури и надворешната политика на државата. И Обама и Мекејн изразија загриженост за состојбата на финансиските пазари, го поддржаа планот на Буш, но изразија и резерви за него. (Ек.Р.)