Годинава со помал род но со поквалитетна јаболка
Овоштарите очекуваат годинава да соберат околу 80.000 тони јаболко
Александар Пешев
Неделава ќе се одвива јаболкоберот, а официјалниот старт на оваа најзначајна манифестација за Ресен, започна викендов. Годинава од овоштарниците во Ресенско се планира да се соберат 80 отсто од јаболкате произведени во земјава, или како што проценуваат ресенските јаболоберачи, се планираат род од околу 80.000 тони.
„Иако годинашниот род за 20 отсто ќе биде помал во споредба со лани, сепак, квалитетот е на едно завидно ниво. Нашето јаболко веќе има влезено на неколку странски пазари и се надеваме дека годинава ќе можеме да го пласираме овој производ на уште повеќе пазари“, рече на отворањето на свеченоста, претседателот на Сојузот на обединети агропроизводители од Ресен, Наум Метосовски, кој се надева на уште побериќетна година.
Откупната цена на јаболкото годинава се движи околу 24 денари.
Како најперспективни сорти јаболко ресенчани ги посочуваат „пинова“ и „гала“.
„Осми пат се собираме на ова исто место за да ја негуваме веќе воспоставената традиција, со која од година во година, успеавме да ја издигнеме дејноста овоштарство да биде дел од економскиот живот и еден од столбовите на приходи во општината“, истакна на манифестацијата градоначалникот на Општина Ресен, Димитар Бузлевски.
Честа на кинење на првото јаболко му припадна на евроамбасадорот Ерван Фуере. „Овој настан е симбол на духот на детерминизмот што владее во оваа земја. Токму тоа ќе ја внесе земјата во Европската унија во иднина“, рече Фуере.
Јаболкоберот во Ресен се одржува и со техничка поддршка од германската влада. Стручно советување за засадување, калемење и одгледување разни сорти јаболка се нудат од германски експерти кои се ангажирани преку германската агенција ЦИМ.
Советникот Еберхард Вајсенборн на ЦИМ посочи создавање одржливи аграрни проекти како еден од најважните елементи за развој на овоштарството во регионот. „Во регионот има добра база за развој, но нема извршни служби кои ќе го спроведат тоа. Затоа треба да се создадат домашни здруженија и самите производители треба да придонесат за одржување и финансирање на тие здруженија“, рече Вајсенборн. |