Измамникот Медоф осуден на 150 години затвор
Можеби најголемата измама во историјата - шемата „Понзи“ е тешка 65 милијарди долари
Во сојузната судница на Менхетен во понеделникот се слушнаа извици на одобрување кога Бернард Медоф беше осуден на 150 години затвор - максимална казна според законот, за водење на шемата „Понзи“ од 65 милијарди долари, што уништи илјадници инвеститори во светот. Казната беше изречена по емотивното сослушување на кое Медоф (71) призна дека не може да даде оправдување за неколкудецениската измама, која можеби е најголема во историјата.
„Оставам наследство од срам, како што укажаа многу мои жртви, за моите деца и внуци. Тоа е нешто со кое ќе треба да живеам до крајот на животот“, рече Медоф пред да му биде изречена казната. Поранешниот претседател на „Насдак“, исто така, им се обрати кусо на жртвите во судницата, со зборовите: „Жалам, знам дека нема да ви помогне тоа“.
Но, неговите жртви не беа задоволни. Девет од нив сведочеа на сослушувањето. Неколкумина мораа да прават паузи, бидејќи беа совладани од емоции, додека други седеа на клупите зад нив, плачејќи. „Под таа надворешност, се крие ѕвер. Тој се насладуваше со нас“, рече Шерил Вајнстајн, поранешен шеф за финансии на еврејската организација на жени „Хадасах“. Мајкл Шварц, кој загуби семеен фонд и се грижи за неспособен брат, изјави пред судијата: „Се надевам дека неговата казна затвор е доволно долга за да му стане затворот мртовечки ковчег“.
Адвокатот на Медоф, Ајра Соркин, побара казна од 12 години, а службата за условно ослободување препорача 50 години. Меѓутоа, судијата Дени Чин избра законски максимум за 11 обвиненија, за кои Медоф се изјасни виновен. Забележувајќи дека не добил ниту едно писмо за поддршка на Медоф, судијата Чин рече: „Злосторствата на Медоф беа неверојатно злобни. Не е само финансиски криминал без крвопролевање, туку криминал со неверојатен човечки биланс“.
Белата куќа соопшти дека судијата Чин испратил „гласен и јасен“ сигнал до инвеститорите кои работат со парите на други луѓе. Семејството на Медоф не присуствуваше на сослушувањето, но потоа неговата сопруга Рут го прекина молкот, давајќи изјава во која истакна дека се чувствува „засрамено“ и „предадено и збунето“ од обелоденувањето на престапите на нејзиниот сопруг. „Се чини дека ништо што можам да кажам не е доволно во однос на секојдневното страдање што го преживуваат сите тие невини луѓе поради мојот сопруг. Но, ако воопшто им е важно, ве молам да имате предвид дека не поминува ниту ден да не почувствувам болка за сториите што ги слушнав и прочитав“, истакна таа.
Иако овој случај е невообичаен поради возраста на Медоф, толку долга казна вообичаено би довела Медоф да биде испратен во максимално обезбедуван затвор. Последниве години судиите изрекуваа се' поостри казни на познати административни криминалци. Берни Еберс, поранешен главен извршен претставник на „Ворлдком“, доби 25 години затвор, а Џефри Скилинг, поранешен шеф на „Енрон“, повеќе од 24 години затвор, иако таа казна беше укината по поднесена жалба.
Се' уште има многу неодговорени прашања за неколкудецениската шема на Медоф и за тоа што се случи со парите. Медоф секогаш инсистираше дека престапите ги вршел сам, но многумина веруваат дека имал соучесници. Дејвид Фрихлинг, долгогодишен сметководител на Медоф, обвинет е за лажно потврдување дека извршил ревизија на фирмата на Медоф и за овозможување инвестициска измама. Фрихлинг, кој негираше дека погрешно работел, треба да се појави на суд следниот месец. Никој друг не е кривично обвинет во случајот.
Американската комисија за хартии од вредност и повереникот што ги води напорите за извлекување на парите за жртвите почнаа да поднесуваат граѓански тужби, во обид да принудат некои од првите приврзаници на Медоф да вратат дел од подигнатите средства што ги добиле од него. Тие негираат дека згрешиле нешто.
„Она што ќе се случи по изрекувањето на казната ќе биде клучно“, рече Ден Нардело, поранешен јавен обвинител и главен извршен претставник на истражната фирма „Нардело енд компани“. „Очигледно, истрагата не е готова. Иако Медоф призна и се изјасни виновен, треба уште многу да се дознае. Владата ќе продолжи да ги следи другите одговорни лица и средствата што им припаѓаат на жртвите. Шеесет и пет милијарди долари не исчезнуваат едноставно“.
Инвеститорите на Медоф имаа 65 милијарди долари на хартија, главно во фиктивни профити, кога сојузните власти го уапсија на 11 декември. Досега повереникот идентификуваше над 1.341 сопственик на сметка со колективна реална загуба од околу 13 милијарди долари. Медоф и неговата сопруга се лишени од поголем дел од богатството, вклучувајќи ги нивните куќи и бродови, покажаа судските документи поднесени минатата недела. Сопругата на Медоф, која не е обвинета, ќе може да задржи 2,5 милиони во готовина, во согласност со договорот со обвинителите. (Фајненшел тајмс) |