Дијагонална кумулација меѓу Македонија и Турција
Од денеска стапува во сила Договорот за дијагонална кумулација за потеклото на стоки меѓу Македонија и Турција. Тој посебно е значаен за македонските компании од текстилната индустрија и за другите фирми што користат репроматеријали од оваа земја. Со него се овозможува за готовите производи со македонско потекло, за чие производство се користеле репроматеријали од Турција, да не се плаќаат царински давачки при нивниот увоз во земјите на ЕУ.
Со либерализацијата се опфатени сите гранки, освен земјоделството и челичната индустрија.
Дијагоналната кумулација во текстилот ќе значи дека во готовиот производ нема да бидат потребни двете фази на преработки пред добивањето финален производ. Овозможено е да се увезе готова ткаенина од Турција, да се конфекционира, доработи во Македонија и да се извезе во ЕУ без царина, како македонски производ или како производ на онаа држава чиј инпут е со најголема вредност.
Измената на ратификуваниот протокол кон договорот за слободна трговија меѓу земјите овозможува во производите добиени кај нас да бидат вклучени недоволно обработени или преработени материјали со потекло од Турција, ЕУ или од која било земја од процесот на стабилизација и асоцијација на ЕУ, доколку имаат склучено договори за слободна трговија со Турција. (МИА) |