Бизнисмените се плашат да зборуваат
За подобрување на бизнис-климата, лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, вчера му ги презентираше двата економски проекта - „Инвестиции сега“ и „Бескаматни станбени кредити“ на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. Азески и Црвенкоски се согласија дека треба да се слушне, да се продискутира и да се реализира секоја добра идеја што може да придонесе за развој на економијата, независно од чија страна или политичка партија доаѓа.
Стопанската комора, како што рече Азески, поддржува нови задолжувања само ако се наменски, за вложување во инфраструктурата потребна за развој на бизнис-секторот, кој посетата на СДСМ и зачестените контакти на бизнисмените со Владата ги оцени како напуштање на политичката агенда и свртување кон економската.
Македонските стопанственици моментно се соочуваат со многу проблеми, но според Црвенковски, најголемиот проблем е што не смеат јавно да се жалат. Најавата дека ќе се повлекуваат средства од ММФ, за Црвенковски е најдобар доказ за конт��адикторноста и неконзистентноста на владината економска политика.
Во врска со последниот извештај на НБРМ околу зголемениот број неплатени кредити, Азески рече дека на тој план има сериозни проблеми.
„Тоа е следствена состојба. Дејствуваме во услови на криза и на нерешени системски прашања, како што се сопственоста на земјиштето, почитување на договорите, што ги натера бизнисмените да размислуваат дали треба да продолжат да инвестираат. Затоа предлагаме да се отвори дебата за изградба на нов економски модел што ќе го раздвижи македонското стопанство и ќе ја подигне стапката на економски раст над шест отсто“, посочи Азески. (МИА) |