Никако да започне судењето за случајот „Мавровски работници“

МВР тврди дека ги бара обвинетите за кои е распишана потерница, но никако не може да ги најде
И второто, за денеска закажано судско рочиште на процесот „Малтретирани мавровски работници” најверојатно нема да се одржи. Од извори блиски на скопскиот Кривичен суд, се дознава дека единствената причина поради која ќе дојде до одложување на стартот на судењето е недостапноста на најголемиот број од 19-те обвинети за организирање група и поттикнување на извршување геноцид и воени злосторства. Извесно е дека судот ќе мора да го соопшти одговорот што, најверојатно, е испратен од МВР, кое имаше обврска да ги пронајде сите обвинети за кои истражниот судија, уште пред шест години, побарал притвор кој ќе им се брои од денот на нивното пронаоѓање.Од друга страна, пак, МВР и натаму повторува дека постапува по судската одлука и ги презема сите мерки за приведување на лицата.
На првообвинетиот во случајот „Мавровски работници“, пратеникот на ДУИ, Хисен Џемаили, иако по дадената ветување пред Комисијата за мандатно- имунитетни прашања дека ќе биде достапен и ќе се појавува на сите судски рочишта, за што доставил и писмена изјава во Основниот суд Скопје 1, му се губи секаква трага. Откако судот ја потврди одлуката за притвор, а Собранието на итна ноќна седница му го одзеде имунитетот на Џемаили, од МВР упорно тврдат дека тој е недостапен за полицијата, не знаат каде е и затоа не можат да го приведат, но дека работат на случајот.
Неговите сопартијци одбегнуваат да говорат за него и како по договор сите тврдат дека не го виделе и не знаат каде е. Во меѓувреме, од партијата на Али Ахмети најавија дека за хашките случаи ќе бараат меѓународна експертиза која требала да потврди дека овие случаи треба да бидат опфатени со Законот за амнестија, а за ова од Владата рекоа да ќе биде формирана Комисија од домашни експерти. Но, засега, нема никакви информации дека воопшто е формирана каква било комисија, туку неофицијално се тврди дека, најверојатно, ќе произлезе политички договор меѓу двајцата коалициони лидери Никола Груевски и Али Ахмети. Вицепремиерот за Рамковниот договор, Абдулаким Адеми, вчера одбегнуваше да одговори до каде е со најавеното толкување на Законот за амнестија.
„Тоа ќе биде дел од анализите на законите кои ќе бидат во духот на Рамковниот договор кое се подготвува за во декември”, рече Адеми, кој на п��ашањето дали ова може да се реши со некаков политички договор рече: „Па, нели судството е независно, а тоа е политичко прашање и јас сум вицепремиер за Рамковниот договор”.
И првообвинетите Шкодран Идризи и Фадил Ферати за овој случај вчера јавно негираа каква било вмешаност во овој случај. На средбата со новинарите во тетовско Желино, Ферати заедно со членовите на семејството на Идризи побараа судската постапка за биде прекината, а обвинението да биде повлечено. Влазрим Идризи, брат на Шкодран, вели дека и двајцата биле невини, а тоа го потврдувало и дописот од Хашкиот трибунал со кој е вратен предметот, во кој стоело дека „нема доволно докази да се утврди примарна одговорност против двајцата, па дури и дека немало нивна вмешаност во инцидентите”.
„Ја информираме јавноста дека Шкодран Идризи не е во бегство, туку на печалба во Германија со легално регулиран престој и дека секогаш бил подготвен за соработка со Хашкото обвинителство”, велат од семејството Идризи кои го повикуваат албанскиот политички фактор да се обедини кога се во прашање хашките предмети и да бараат категорично запирање на постапката.
Според Фадил Ферати, ова е политички монтиран случај, додека вистинските извршители на малтретирањата на работниците „ги знаат сите, но никој не ги кажува”. Ферати нагласи дека ќе се појави во судницата во Скопје и дека ќе ја каже вистината.
„Никогаш не сум се криел, ниту сум бегал од властите. Точно е дека сум учесник во ОНА. На денот кога се случил настанот со работниците на „Маврово” кај Желино (7 август 2001 година околу 10 часот) бев во селото Ѓермо. Тврдам дека за овој случај сум невин, а тоа ќе го докажам со сведоци - очевидци кои точно ќе потврдат каде и во кој момент тој ден сум се наоѓал. Ние двајцата сме неосновано обвинети”, категоричен беше Ферати.
На листата обвинети се наоѓаат и Башким Рустеми од село Гајре, Џеват Џемаил од село Вејце, Шевал Ајет Етеми од Палатица, Шабан Зенуни од Мерово, Кадри Сулејмани од Камењане, Мирсат Исмани од Бојане, Мусли Хавзии од Челопек, Сафет Огриќ од Челопек, Алинаџи Идризи од Тетово, Џемаљ Аблулахи од Тетово, Илир Џеладини од Мала Речица, Нусрет Мустафи од Тетово, Осман Нухија од Ѓермо, Исмаил Муарем Селмани од Јажинце и Арбен Јакупи од Непроштено. (Св.У-Љ.С.-Г.Е.) |