Крвнички претепале таксист и му украле 400 евра
Двe непознати лица крвнички претепале таксист, а потоа му одзеле 400 евра и побегнале. Инцидентот се случил завчеравечер кога таксистот на скопската компанија „Парк“ бил запрен од двајца муштерии на улицата „Првомајска“ во населбата Кисела Вода.
Од 31-годишниот таксист побарале да ги вози до селото Драчево, но само што тргнале, побарале да запре, бидејќи, наводно, едниот имал физиолошка потреба.
Таксистот запрел, по што следувал крвнички напад од двајцата патници, кои толку многу го претепале возачот што тој паднал во несвест.
Потоа, од џебот му одзеле 400 евра и побегнале.
Таксистот бил пронајден од случајни минувачи, кои го пренеле во Ургентниот центар, каде што му биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување. Полицијата трага по напаѓачите. (Г.А.) |