Комарците не чекаат тендери
И годинава комарците се размножуваа додека течеа тендерските процедури
Снежана Калабакова
На дел од скопјани комарците се' уште им се ноќна мора и не ги оставаат да заспијат. Ноќе без средства за заштита од овие инсекти речиси е невозможно да се остават децата, но и возрасните. Присуството на комарците го овозможуваат и временските услови, а влажното и топло време им дава идеални услови за размножувањето на ларвите и тоа по неколку генерации. Во отстоена вода во една тегла за пет дена можат да се развијат дури 400 ларви од комарци. Овие инсекти не се уништуваат стопроцентно со дезинсекција од три фази, колку што реализира Градот, тврдат биолозите. И додаваат дека за еден град со толкава површина како што е Скопје потребно е дезинсекцијата да се реализира пет пати и тоа веќе им било сугерирано на градските власти, кои треба да издвојат повеќе пари за уништувањето на комарците. Не е доволно сметаат експертите да се поминува само по главните сообраќајници, туку треба да се зафат и делови од внатрешноста на населбите. Дезинсекцијата велат треба да се направи на површина од над 30 илјади хектари, но, за жал, велат со прскањето од земја се зафаќаат само 5 илјади хектари и со авионското прскање 10 илјади хектари. Тие препорачуваат дезинсекцијата да започне уште во мај, а веќе во март да се знае со кое средство ќе се прска. За жал, и годинава тендерските процедури за избор на фирма што ќе ги реализира зафатите и изборот на средство со кое ќе се прска им дозволија на комарците да се размножат. Тие не чекаат тендери и до реализацијата на првата фаза од дезинсекцијата намножија три генерации.
Од Градот, пак, сметаат дека годинава е опфатена поголема површина и бројот на фазите е проширен, четири пати ќе се запрашува авионски и три пати од земја. За аеросолната и теристичката дезинсекција Градот ќе потроши 15 милиони денари.
„Годинава е влажна и идеална за размножување на комарците топло-ладно од 19 до 40 Целзиусови степени. Центарот за јавно здравје направи се' што требаше што беше наша задача откако Градот не' ангажираше за дезинсекцијата. За да има што помалку комарци, можат многу да придонесат и граѓаните ако внимаваат да не оставаат стоена вода во садови по дворовите. Во ваква вода за неколку дена можат да се развијат положените ларви на комарците. Токму од таа причина се врши дезинсекција и на градските гробишта. Во садовите со вода на гробовите најчесто се развиваат ларви на комарци, објаснува Елица Атанасова, дипломиран биолог и одговорна во Службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција во Центарот за јавно здравје.
Биолозите тврдат дека комарците обично напаѓаат и според бојата на кожата на луѓето, но и според бојата на облеката и нагласуваат дека овие инсекти повеќе ги сакаат потемните луѓе и потемната облека. Ја сакаат и светлината, па затоа треба да се внимава да не се привлекуваат. |