Нема јунак за претседател на струмичкиот суд
Судот собори неславен рекорд: подолго од една година не може да се најде човек што ќе раководи со него
Гордана Дувњак
Ако продолжи со ова темпо, по прилепските сарми, и струмичкиот суд може лесно да се најде во конкуренција за Гинис. Неславниот рекорд е во тоа што повеќе од една година никако не може да се најде јунак што ќе раководи со оваа судска институција. Распишани се вкупно осум конкурси, од кои на првите три ниту еден од понудените тројца кандидати не ги задоволи критериумите на Судскиот совет. Последните огласи пропаднаа, бидејќи на пет не се јави ниту ед��н од дваесетината судии.
Во судските кругови веќе отворено се зборува за бојкот, уште повеќе што токму од Струмица потекнува актуелниот претседател на Судскиот совет. Струмичкиот суд е негов матичен суд во кој тој порано работел како делител на правда, а моментно таму како судија работи и неговата сестра Марина Абрашева.
Претседателот на Судски совет, Васил Грчев, ги отфрла ваквите тврдења како шпекулации и смета дека не станува збор за бојкот. Уште помалку верува дека незадоволството на неговите поранешни колеги е насочено лично кон него.
„Очигледно струмичките судии не се заинтересирани за раководни функции. Не гледам причина за бојкот“, додава тој. На прашањето како планираат да го надминат овој проблем, првиот човек на Судскиот совет ги крева рамениците.
„Ќе се обидеме да ги мотивираме судиите да се јават на конкурсот. Ако не се јават од овој суд, постои можност да се анимира да конкурира некој нивни колега од соседните судови“, објаснува Грчев.
Вели дека нема причина за воведување „надворешен управник“, бидејќи состојбите во струмичкиот суд не се алармантни. Своевремено, поради нарушени меѓучовечки состојби и голем број нерешени предмети, Судскиот совет воведе принудна управа во Кумановскиот суд, кога на определено време беше делегирана како раководител една скопска судијка. Грчев додава дека струмичкиот суд функционира нормално, па нема потреба од таква ригорозна мерка.
Ова го потврдува и членот на Судскиот совет, судијата Бојан Ефтимов, кој е координатор задолжен за овој суд. И тој, како и останатите членови, е зачуден зошто нема интерес кај струмичките судии.
„Таму повеќе од една година има в.д. претседател, но судијката Нада Бајрактарова има уште две години до пензија. Со неа имаме добра комуникација и засега нема проблеми“, подвлекува Ефтимов.
Дека не станува збор за класичен бојкот е категорична и в.д. претседателката Бајрактарова.
„Ова е суд со проширена надлежност и има многу работа, па, веројатно, колегите не сакаат да се зафатат со раководење. Полесно е да се биде само судија и да се гледаат сопствените предмети“, оценува таа.
Во Основниот суд во Струмица сега работат 25 судии, а две места се' уште се непополнети по разрешувањето на судиите Христо Хаџиеленов и Никола Донев. Судскиот совет води постапка за разрешување на судијката Роза Делева за нестручно и несовесно работење.
Струмичкиот суд лани ја заврши годината како ажурен суд, односно успеал да го совлада приливот нови предмети. Во работа имал вкупно 35.811 предмети од кои 25.722 биле новопримени. Успеал да реши 26.870 предмети, а останале нерешени 8.941, што значи дека го совладал приливот за 1.148 предмети. |