ЕЛЕМ ја оштети државата за 15 милиони евра, обвинува СДСМ
Опозициската СДСМ вчера обвини дека „Електрани на Македонија“ со недомаќинско работење предизвикале континуиран тримесечен прелив на водата од акумулациите во Македонија, па поради изгубената вода, државата е оштетена за околу 15 милиони евра поради непроизведена енергија.
„Цели три месеци наназад, од 15 февруари до денес, поради максимално полните акумулации во ХЕЦ ’Глобочица‘ кај Струга и ХЕЦ ’Шпилје‘ кај Дебар, водата континуирано се прелива надвор од акумулациите и наместо да се користи за производство на струја, таа неповратно се губи. Водата од ХЕЦ ’Врбен‘ се испушта во реката Радика наместо да се користи во ХЕЦ ’Вруток‘ и ХЕЦ ’Равен‘. Секојдневно се губат околу 20 метри кубни во секунда од акумулацијата во Глобочица и околу 80 кубни метри во секунда од акумулација во ’Шпилје‘. Изразено во пари, поради испуштената вода и непроизведената струја, секој ден државата трпи штета од околу 120 илјади евра. Во изминатите неколку месеци поради загубите на вода има вкупна штета од околу 15 милиони евра“, изјави Атанаско Туневски од СДСМ на вчерашниот прес.
Според него, причина за финансиските штети за државата е лошото планирање на користењето на водите во акумулациите од страна на ЕЛЕМ и доцнењето на изградбата на ХЕЦ „Света Петка“.
„Браната на објектот се' уште не е изградена, што реално значи дека објектот ќе доцни со почеток на работа најмалку четири години. Штетите од непроизведената струја од ХЕЦ ’Света Петка‘ се околу пет милиони евра годишно или вкупно ќе бидат најмалку 20-ина милиони евра“, рече Туневски.
Веднаш по пресот реагираше ЕЛЕМ, од каде најдецидно ги отфрлаат ваквите наводи и потенцираат дека сите нивни капацитети се искористени максимално и оптимално. (Ек.Р.) |