Приведени полициски инспектори поради поткуп
Двајца полициски инспектори од СВР – Скопје, надворешна канцеларија на ПС „Карпош“, се пријавени поради примање поткуп. Инспекторите И.С.(39) и Б.Ј.(42) најпрво побарале од скопјанец поткуп од 1.000 евра за да му го вратат мотоциклот „харли дејвидсон“, кој заради проверки претходно му бил земен од полицијата. Кога не успеале да дојдат до бараните пари, тие се согласиле на поткуп од 500 евра. Обележаните 30 банкноти од по илјада денари што биле исплатени во локалот „Вива“ во Скопје биле пронајдени од полицијата.
Од четвртокот до саботата, поткупливите инспектори имале контакти со оштетениот, при што му кажале дека немал соодветна документација за мотоциклот, односно дека бил сторен царински прекршок.
Следниот ден било контактирано со оштетениот, а била договорена и средба со вистинскиот сопственик на возилото, при што тој ќе ги презентирал бараните исправи. По ова следувале нови инструкции и договор за средба во кафулето „Вива“ и награда од 1.000 евра за да се „истурка“ работата, односно мотоциклот да му се врати на сопственикот, кој рекол дека е во состојба да обезбеди само половина од бараните пари. Со неговата понуда се согласиле двајцата инспектори, кои откако ги примиле парите, ги скриле во шанк под картонска кутија. (Љ.С.) |