Адвокатка чека издржување двегодишна затворска казна
Ленче Димчевска смета дека е осудена, бидејќи работела кај нотарот Никола Стоименовиќ
Љубиша Станковиќ
„Доколку во следните 40 години заработувам една просечна плата, под услов да немам никакви трошоци за живеење, тогаш е можно да ја надоместам штетата од околу 125.000 евра за колку сум задолжена од судот да им исплатам на оштетените. Но, проблемот кој навистина ме мачи не е во парите што и онака ги немам, туку во тоа што не сум сторила ништо, а ќе морам да издржувам и затворска казна“. Со овие зборови адвокатката Ленче Димчевска (48) го започнува разговорот за случајот со денационализираното земјиште, а кое во јавноста стана познато по нејзиниот работодавец, скопскиот нотар Никола Стоименовиќ (43), а кој, пак, се врзува со најпознатиот македонски овчар Иснифарис Џемаили.
Со првостепената пресуда, а по 4,5 месеци поминати во притвор, изречена во април минатата година, адвокатката Димчевска беше осудена на три години затвор, а и беше одредена и забрана за вршење адвокатска дејност во траење од пет години и тоа по издржувањето на казната. Згора на се', Димчевска, солидарно со нотарот Стоименовиќ, треба да плати отштета од по пет милиони денари на лицата кои биле измамени во процесот на денационализација.
Само една година подоцна, затворската казна и' е намалена за една година, а забраната за вршење дејност е намалена на две години. Но, и покрај ваквото ублажување, Димчевска не знае што понатаму, бидејќи, како што вели самата, ќе треба да работи до својата 90 година за да им ја надомести штетата на членовите на семејството Димитрови.
„Во својот работен век заработив едно ’југо’. Друг имот на мое име не поседувам. Едноставно, работев во канцеларијата на Стоименовиќ за плата и никогаш не ми паднало на памет дека треба да се занимавам со такви работи, но на крајот излезе дека јас некого сум измамила. За целиот случај разбрав исклучиво од медиумите. Конечно, и Стоименовиќ на главниот претрес јасно кажа дека немам никаква врска со случајот. Тоа го кажа и Спасе Димитров“, вели ��двокатката и појаснува дека станува збор за уште еден од групата од 22 обвинети, инаку роднина на измамените и автомеханичар кој доаѓал во канцеларијата по услуги и кај кого го носи своето возило на поправки.
Првите контакти на сега правосилно осудената Димчевска со нотарот Стоименовиќ се од пред десетина години. Но, можеби многу побитен е фактот дека уште во 1993 година Димчевска ја запознала исто така обвинета Марија Дубровска, кога како волонтер Димчевска била распоредена кај тогашната судијка Дубровска. По покана од Дубровска, која во меѓувреме станала адвокати, Димчевска го напуштила Основниот суд Скопје 2 и заминала на работа кај нотарот Стоименовиќ.
„По нивни налог положив нотарски испит, а само малку потоа, односно некаде во 2002 година, поради измените во Законот за парнична постапка, ми беше наложено повторно да станам адвокат. Јас адвокатска канцеларија имав уште во почетокот на кариерата, и како и Бирото за правни услуги што го имав претходно отворено, морав да го затворам“, раскажува Димчевска и додава: „Свесна сум дека ќе морам да заминам на издржување на казната. Немам што друго. Сега само ми останува да чекам на одлука на Врховниот суд, кој се надевам ќе ги разгледа сите понудени докази и ќе ја утврди фактичката состојба, односно ќе увиди дека немам никаква вина“.
Можеби последниот адут на кој ќе се повика Димчевска се токму пресудите што за предметниот имот биле донесувани уште во првата половина на шеесеттите години од минатиот век. Имено, таа вели дека поседува конкретни докази со кои се потврдува дека од парцелата со големина од 7.015 квадратни метри, а во која влегуваат и оние 6.000 метри што таа треба да ги плати, одамна биле продадени.
„Иако искрено очекував дека во оваа постапка, во најмала рака, ќе бидам повикана како сведок, сепак, се најдов во обвинението. На мое име не беа најдени штедни книшки со милионски износи, впрочем немав никакви штедни книшки, па сепак, бев обвинета. Колку за илустрација, ќе споменам сведочење на еден од оштетените, која рече дека: ’и Ленче ја оштетил, бидејќи и' го има името во обвинението’. Замислете, ми го слушнал името и затоа сум виновна и затоа бара надомест на штета од мене. Можете да замислите до каде отиде целата работа кога една од оштетените рече дека се работи за имот од 400 милиони евра. Тоа е колку две ЕСМ!“, раскажува адвокатката Ленче Димчевска. |