Украина е за изградба на нов гасовод
Украина им предлага на Русија и на Европската унија да изгради дополнителен гасовод на украинска територија за да се зголеми обемот на транспорт на рускиот гас во европските земји, изјави украинскиот претседател Виктор Јанукович. „Имаме сопствена концепција што им ја понудивме на нашите партнери во ЕУ и во Русија. Тоа подразбира формирање заедничка компанија со учество на земјите-членки на ЕУ, на Русија и на Украина за изградба на гасовод преку украинската територија, со кој би се обезбедиле дополнителни количества гас за Европа“, наведе Јанукович. Преку украинска територија се транспортира 80 проценти од рускиот гас за Европа, а Киев се обидува да ја убеди Москва да се откаже од идејата за изградба на гасоводот „Јужен поток“, кој може значително да го намали количеството гас транспортиран преку Украина. (МИА) |