Британската влада сериозно ќе ги намалува трошоците
Британската влада побара од повеќето министерства да планираат евентуално намалување на трошоците за 40 проценти, што е многу поголем процент од оној што беше објавен во јуни при претставувањето на коригираниот буџет, соопшти британското министерство за финансии.
Велика Британија се обидува да го намали рекордно големиот буџетски дефицит и од министрите се очекуваше да ги намалат државните трошоци во повеќе области за околу 25 проценти. Од повеќе министерства, сепак, било побарано да дадат оцена за тоа како ќе се одрази врз нивната работа евентуалното намалување на трошоците за 40 отсто. Портпаролот на министерството за финансии изјави дека тоа е само една од варијантите што ќе бидат разгледани наредните неколку месеци и оти не станува збор за конечно решение. Предлозите за намалување на трошоците до 40 проценти треба да бидат претставени до крајот на јули. Буџетскиот дефицит на Велика Британија изнесува 11 проценти од домашниот бруто-производ и намалувањето на дефицитот е главна задача на новата влада. Според синдикатите, намалувањето на трошоците за 40 проценти ќе доведе до загуба на околу еден милион работни места во државниот сектор. (МИА) |