Пад на цените на телефонските услуги?
Има можност за пад на цените во телефонијата од 10 до 15 отсто. Тоа го ��авестува анализата на Агенцијата за електронски комуникации за интерконекциските цени, која била речиси готова. Таа треба да покаже кои се реалните трошоци за поврзување меѓу операторите, наспроти она што меѓусебно си го тарифираат, а го плаќаат корисниците.
Според Петар Ивановски, директор на АЕК, анализата покажала дека цените за интерконекција може да паднат за уште десетина до петнаесет проценти, што ќе се одрази и врз цените за крајните корисници.
АЕК деновиве го промовираше својот кол-центар и бројот 190 на кој граѓаните можат да ги пријават своите забелешки за телефонските оператори. Агенцијата соопшти дека третиот мобилен оператор, ВИП, добил статус на оператор со значаен пазарен удел во Македонија.
Во меѓувреме, податоци за првиот квартал од годината објавил „Телеком“ - Словенија. Компанијата за првпат од постоењето остварила загуба, и тоа најмногу поради операциите во Македонија.
Нето-загубата во првиот квартал од годинава изнесува 600 илјади евра, наспроти профитот од 14 милиони евра минатата година. Во Македонија, во првиот квартал од годината „Телеком“ - Словенија остварил загуба од 5,3 милиони евра пред оданочување. Наводно, причината за тоа е здружувањето и ребрендирањето на компанијата што беше купена минатата година. Поради тоа се доцнело и со некои од проектите, а ефект имала и глобалната криза. (Ек.Р) |