Жестока расправа во германскиот парламент за помошта на еврото
Опозицијата ја критикуваше Меркел дека законот се носи нетранспарентно
Германскиот парламент вчера расправаше околу пакетот мерки за стабилизирање на еврото и за финансиската помош за земјите-членки што се на работ на банкрот. Владината коалиција немала широка поддршка во Бундестагот, пренесуваа вчера агенциите, со што пропаднале надежите на канцеларката Ангела Меркел дека пакетот мерки за стабилизирање на еврото ќе биде изгласан во парламентот со големо мнозинство. Владината коалиција потфрлила во обидот да ги придобие гласовите на партиите од опозицијата. Социјалдемократите и Зелените на завчерашното гласање во Бундестагот најавија дека ќе бидат воздржани, додека од левицата посочија дека ќе гласаат „против“. Во пробните гласања се покажа дека и во редовите на владината коалиција не се сите „за“. Сепак, ова не се очекуваше дека ќе го загрози т.н. канцеларско мнозинство, оценил шефот на пратеничката група на партиите на Унијата, Фолкер Каудер. Неговиот колега од СПД, пак, Франк Валтер Штајнмаер, вчера ја критикуваше канцеларката Меркел дека начинот на кој се донесува законот е нетранспарентен и нејасен: „Не можеме да издадеме бланко-чек на влада, која во изминативе недели не ги исполнува своите обврски кон парламентот“.
Социјалдемократите ги условиле нивните гласови за европакетот со барањето владата писмено да се обврзе на воведување данок на меѓународни финансиски трансакции. СПД и' понудила на владејачката коалиција сопствена верзија на законот за ваков данок, но таа го одбила. „Моментално тоа не е потребно“, истакна лидерот на пратеничката група на либералите, Биргит Хомбургер.
Владата на Меркел има мнозинство во парламентот и затоа гласовите на опозицијата не се од одлучувачко значење. Сепак, колку повеќе партии би гласале за пакетот мерки за стабилизирање на економијата во ЕУ, толку помалку поделена ќе биде и германската јавност околу овие мерки, сметаат експертите.
Уделот на земјите од ЕУ во спасувачкиот пакет изнесува 440 милијарди евра. На оваа сума се дополнуваат уште 60 милијарди од буџетот на ЕУ, додека дополнителни 250 милијарди евра ќе додаде ММФ. Најголемиот дел од кредитите треба да преземе Германија - дури 148 милијарди. Со цел да ги смири финансиските пазари, владата планира мерките да ги воведе што поскоро. Затоа вчера и Бундесрагот на вонредна седница требаше да даде благослов за германското учество во европскиот план за спас на еврото и за финансиска поддршка за земјите-членки што се на работ на банкрот. Пакетот веќе беше изгласан од владиниот кабинет, на седницата што се одржа во вторникот. Меѓутоа, за тој да стапи во сила треба да биде потпишан и од германскиот претседател Хорст Келер.
До затворањето на весникот, во германскиот парламент не беше завршена расправата за пакетот мерки. (Дојче веле) |