Број 3426  понеделник, 08 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter
Свет

Назарбаев диктира светла иднина за Казахстан

Ако пустинскиот Дубаи може да има скијалиште, зошто студениот Казахстан да нема оаза со палми - е девизата на доживотниот претседател

Казахстан има нафта, јаглен и ураниум - и главен град полн со прекрасна архитектура. Претседателот Нурсултан Назарбаев се надева дека неговата земја може да стане водечка економија во регионот, но неговиот деспотски култ на личноста не е универзално дочекан.

Беше една од оние тивки, ведри, летни ноќи во Астана. Сцената се поставуваше во Паркот на љубовниците, зад огромното Министерство за нафта и гас на Казахстан, што наликува на триумфална капија. Врвни уметници на Казахстан изведуваа сцени од историјата на оваа номадска земја, италијанскиот тенор Андреа Бочели пееше, а гостите во вип ложата аплаудираа со задоволство. Тука беа рускиот претседател Дмитриј Медведев, турскиот колега Абдула Ѓул, крунисаниот принц на Абу Даби, Мохамед бин Зајет ал Нахјан и јорданскиот крал Абдула. Нив, исто така. ги придружуваа шефовите на држави на Ерменија, Белорусија, Киргистан, Таџикистан и Украина. Меѓу нив седеше човек со округло, безизразно лице, со високо чело и внимателно исчешлана коса, облечен во едноличен костум. Тој е Нурсултан Назарбаев, претседателот на Казахстан, кој го прославуваше неговиот 70-ти роденден.

Како најстар син на овчар од далечната провинција, Назарбаев помина долг пат. Тој работеше во фабрика за челик пред да стане прв секретар на Комунистичката партија на Казахстан, а кусо време пред ненадејното распаѓање на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов планираше да го именува Назарбаев за негов потпретседател. Изминативе 20 години тој е претседател на Казахстан.

На 5 јули 2010 година во вечерните часови се одржуваше отворањето на „Кан Шатир“, најголемиот шатор во светот во Астана, дизајниран од познатиот британски архитект сер Норман Фостер. Фостер направи зграда на суперлативи: иако изгледа речиси кревко поради проѕирната пластична надворешност, конусната кула висока 102 метри, што се протега над елиптична основа, покрива област од приближно 14 фудбалски терени. Внатрешноста на повеќе нивоа може да се пофали со највеличенствениот центар за забава во земјата: Тука има палмови дрва увезени од Карибите, базени со песок од Малезија, градини, водени паркови, кино сали, велнес центар, центар за забава на деца со вртелешки, како и кафулиња, бутици и супермаркети. Тоа е вистински роденденски подарок.

Назарбаев сакаше 6 јули да биде токму таков - вниманието на целиот свет можеби повторно ќе биде насочено кон новиот, развиен Казахстан и човекот што стои зад сето тоа. „Астана стана најголемиот мега проект во целокупниот постсоветски регион“, рече тој таа свечена вечер. Потоа ја потсети публиката дека тој е човекот кој во 1997 година нареди престолнината на Казахстан да биде преместена од јужниот град Алмати во ветровитите степи на Астана. „Во тоа време, мојата одлука наиде на отфрлање и недостиг на разбирање, но сега сите се задоволни. Прогресивните идеи секогаш минуваат тешко“, рече Назарбаев.

Сега Назарбаев стигна до последната фаза од тој план: со „Кан Шатир“ тој се надева дека ќе ги замолчи последните критичари на неговиот чекор. Астана, пред се, е вториот најстуден главен град во светот, по Улан Батор, престолнината на Монголија. Но, сега, иако температурите се спуштаат на минус 40 Целзиусови степени, 20.000 луѓе се' уште можат да се веселат под палмите во шаторот на Фостер. Ако пустините на Дубаи можат да имаат лизгалиште со олимписки димензии, студениот Казахстан може да го има својот благопријатен „Кан Шатир“.

Владетелот на Казахстан вложи 7,2 милијарди евра за изградба на проекти во степите, за да се трансформира руралната заостанатост во пофалби за земјата. Тука се заслепувачки белата претседателска палата, министерствата сместени во стаклени висококатници, џамијата Нур-Астана која мож�� да прими 5.000 верници, комплетно нов дипломатски кварт, бескрајно многу шопинг центри и луксузни станбени згради во кои квадратен метар може да достигне цена до 4.000 долари.

Според неговите размислувања, Казахстан треба да се цени како најуспешен во групата поранешни советски републики источно од Каспиското Море. Казахстан е деветтата најголема земја во светот, и најголемата земја во светот без излез на море. Нејзината територија има огромни полиња со нафта и гас, како и резерви на злато, манган и јаглен, и таа е најголемиот произведувач на ураниум во светот. Всушност, огромната земја на Назарбаев се соочува само со еден проблем: има само 16 милиони жители. Статистички тоа значи помалку од 6 луѓе на м2. Спротивно на тоа, Германија притиска 230 луѓе на истиот простор.

Сепак, Назарбаев смета дека тоа нема да го спречи Казахстан да стане една од 50-те најмоќни држави во светот, како азиските тигарски земји. Како што Назарбаев му објаснува на неговиот народ, дури и Сингапур беше „една од најсиромашните земји во светот“, но нејзиниот приход по глава на жител е зголемен 85 пати. Бидејќи Казахстан нема тигри, тој ветува дека „до 2030 година Казахстан ќе стане снежен леопард на Централна Азија“. Благодарение на неговите огромни резерви од природни ресурси, за една деценија бруто националниот приход по глава на жител во Казахстан се зголеми од 700 долари на 8.000 долари.

Но, во последната деценија Назарбаев стана автократ, вели генералниот секретар на Социјалдемократската партија Азат (Слобода). „Тој ги именува премиерот, административните шефови на сите региони, судиите се до ниво на окрузи и изборната комисија, и ја води владеачката партија Нур-Отан (Светлина на татковината), единствената партија претставена во парламентот. Тој ја заостри дисциплината за независните весници и ги протера потенцијално загрозувачките ривали од земјата“. Корупцијата е ужасна, додава тој, а јазот меѓу богатите и сиромашните стана неподнослив. Покрај тоа, со протерувањето на дисидентите од страна на претседателот, опозицијата се исели од Астана. Партијата Азат има седиште во Алмати, поранешниот главен град. Таму се поранешниот претседател на парламентот, поранешниот заменик премиер и неколку поранешни регионални лидери, поранешен јавен обвинител па дури и првиот космонаут на Казахстан. Порано или подоцна Назарбаев ги отстрани сите од нивните позиции. Неговиот парламент неодамна го прогласи за „лидер на нацијата“, некој кој ќе владее до крајот на неговиот живот и без ограничување.

Меѓутоа, сите не се согласуваат дека Назарбаев е диктатор. Марат Шибутов, кој се занимава со политички науки смета дека „тој само затвори еден идеолошки јаз што се појави по распаѓањето на комунизмот. Назарбаев работи подобро отколку неговите колеги во Киргистан и Таџикистан. Всушност, Назарбаев е единствениот што го одржува Казахстан заедно, и тој е гаранцијата за најскромниот просперитет што го ужива мал сегмент од општеството. Жителите на Казахстан прифаќаат каква било идеологија се' додека имаат пари во нивниот џеб“, вели тој.

Во Казахстан, Назарбаев едноставно не може да се избегне. Неговите портрети се насекаде, било во градовите или на далечните патишта, а тој се појавува на телевизија секоја вечер. Се сретнува со младите виолинисти во новата Палата на уметноста во Астана; ја водеше церемонијата на отворањето на најновиот универзитет во главниот град, Универзитетот „Назарбаев“; ги посетува валавниците и рудниците за јаглен. Каде и да оди го следат камерите. На сличен начин, не постои премногу мала тема за да се оправда организирање на меѓународна конференција во Астана, каде што Назарбаев може да биде награден за неговата улога како политичар со глобално значење.

„Цивилизираниот свет ќе ви го сврти грбот, господине претседател“, викаше тогашниот амбасадор на Казахстан во Австрија во телефонски разговор пред да ја спушти слушалката. Разговорот се одвиваше на 23 мај 2007 година, а зад телефонот во Виена беше Ракат Алиев, зетот на Назарбаев и црната овца во неговото семејство. Алиев - поранешен заменик министер за надворешни работи, заменик директор на Агенцијата за разузнавање и косопственик некогашната седма најголема банка во Казахстан - ја загуби милоста кај претседателот. Назарбаев го обвинуваше дека е инволвиран во две киднапирања и го испрати во Европа, каде што Алиев најави во мај 2007 година дека има намера да се кандидира против Назарбаев на претседателските избори во 2012 година. Тоа беше неверојатна навреда и во телефонскиот разговор Алиев дури го критикуваше Назарбаев дека протуркал нов устав, што му го дава правото да остане на власт се' додека е жив. „Тој ден сите надежи за демократски развој на нашата земја беа трајно уништени“, рече Алиев.

Во неговата книга „Кум по закон“, тој тврди дека неговиот поранешен дедо води двоен живот, и дека покрај неговите три ќерки има други деца со млада стјуардеса и моделка. Потоа, тврди дека Назарбаев е сопственик на 5.000 невидено скапи часовници, дека преселувањето во однапред испланираниот град Астана било финансирано со „милијарди и милијарди украдени од луѓето“ и дека тој примил огромни мита за нафтени концесии, првенствено од Американците. Секако, сите обвиненија можеби не се ништо повеќе од одмаздничка кампања, што ја води личност која била измамена. Но, останува фактот дека семејството Назарбаев нема добар углед во земјата.

Поранешната сопруга на Алиев, Дарига, односно најстарата ќерка на Назарбаев, има докторат по политички науки, поседува акции во една голема банка и многу години ги контролираше клучните медиумски куќи во земјата со цврста рака. Сега, таа наводно ги продала акциите од големата ТВ мрежа „Кабар“, а парите ги чува во странство. Втората ќерка на Назарбаев, Динара, е бизнисменка. Американското деловно списание „Форбс“ проценува дека таа тежи 1,1 милијарда долари. Годинава таа купи вила на Женевското Езеро за рекордна сума од 50 милиони евра. Најмладата ќерка, Алија, по образование е правник, и, исто така, заработува многу. Сега таа е позната бизнисменка, се наоѓа на чело на неколку компании и претседава со советодавниот одбор на најголемата компанија во Казахстан за недвижен имот. Таа, исто така, поседува велнес центар, ресторан и ноќен клуб во Алмати. Руското списание „Њу тајмс“ проценува дека заедно кланот Назарбаев ги наполнил своите џебови со приближно седум милијарди долари. (Шпигел)

Борат - расипувач на забавата

Со сјајниот, нов град Назарбаев можеше да им одговори на клеветниците на Казахстан, како што е британскиот комичар Саша Барон Коен. Во неговиот филм „Борат“, Коен го исмева Казахстан претставувајќи го како заостаната држава во која се раширени проституција, трговија со оружје и дискриминација на малцинските групи. Протагонистот во филмот, казахстанскиот телевизиски известувач Борат Сагдиев вели дека жените во Казахстан се чуваат во кафези и дека националниот пијалак е ферментирана коњска урина. Потоа гордо го претставува неговото родно село, покажувајќи калливи улици, искршени возила што ги влечат коњи и деца од градинка кои мавтаат со минијатурни автоматски пушки. Иако намерата на филмот беше да се исмеат предрасудите што многумина на Запад се' уште ги имаат за поранешните земји од источниот блок, Назарбаев не гледаше на тој начин. Наместо тоа, тој беше толку навреден што веднаш го забрани филмот во Казахстан.


#
Статијата е прочитана 628 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Грчки референдум за Папандреу
Се укинуваат визите за БиХ и за Албанија
Со свеќи за подобро утре на Атина
Кокосите - смртна закана за Обама
Ајатолахот расправа за исламот на „Фејбук“






Tight controls on visa-free travellers from Albania and Bosnia
Bulgaria loses case against suspected mafia bosses
Hungarian firms seek EU help to block crisis tax