Изборните карвани влегуваат во финалето со митинзи
Билјана Јовановска
Уште три дена им остануваат на изборните карвани на претседателските кандидати и на претендентите за освојување на новата локална власт за да ги убедуваат гласачите дека тие се вистинскиот избор. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ последниот митинг ќе го одржи в петок во Струмица, додека опозицискиот СДСМ во истиот град ќе има свое финиширање на кампањата еден ден претходно. Иако првично и тие типуваа на 20 март да ја заокружат кампањата во Струмица, заради некаква симболика, бидејќи тоа е градот од каде што е актуелниот в.д. претседател на СДСМ, Зоран Заев, а воедно тој од своите сограѓани ќе побара и втор градоначалнички мандат, сепак, класичниот завршен митинг ќе биде в четврток.
Претседателскиот карван на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот кандидат Ѓорѓе Иванов вчера попладне беше во две скопски општини - Аеродром и Центар, за синоќа во 21 часот беше закажан митинг во Куманово, денес ќе им се претстават на жителите на Ресен и на Струга, а в четврток ќе ја посетат општината Ѓорче Петров.
Нивните ривали од СДСМ синоќа беа во Охрид, за денес е закажан митинг во Куманово, утре се во Струмица, а последниот ден од кампањата ќе имаат мал митинг во општината Центар (во блокот кај „Краш), на кој ќе говори претседателскиот кандидат Љубомир Данаилов Фрчкоски.
ДПА и претседателскиот кандидат Мируше Хоџа за синоќа најавија голем митинг на скопско Кале, а денес се во тетовското село Слатино. Овој изборен карван в четврток ќе биде на градскиот плоштад во Тетово, додека за Струга е резервиран последниот ден од кампањата.
Нова демократија на Имер Селмани денес ќе им се претстави на гласачите во Тетово, утре се во Струга, а изборниот карван на претседателскиот кандидат завршува в петок со митинг на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
Независниот кандидат Љубе Бошкоски денес ќе има трибини во Богданци, Валандово и Гевге��ија, в четврток ќе биде на плоштадот „Пела“ во Скопје, а изборното крстосување го завршува в петок во Свети Николе.
До крајот на изборната трка претседателскиот кандидат на ЛДП, Нано Ружин, ќе има средби во Битолскиот регион, додека последниот митинг ќе биде во Куманово.
Паралелно со патувачките карвани, седумтемина претседателски кандидати снимаат и дебатни емисии во неколку национални телевизии. Во понеделникот Алсат М телевизија снимаше дебатна емисија во траење од 2 часа и 15 минути, која ќе се емитува вечерва. Иако сите кандидати начелно ја прифатија поканата, вечерта пред снимањето, од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов беше откажано учеството во емисијата.
„Доцна вечерта по скопскиот митинг со СМС-порака не' информираа дека одржале состанок на кој одлучиле Иванов да не учествува во дебатата“, ни рече Мухарем Незири, главен и одговорен уредник на Алсат М. Дебатата е одржана без оглед на празното место на Иванов.
Кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Иванов, вчера не присуствуваше ни во завршната дебатна емисија на ТВ Телма. Последното ТВ-соочување на претендентите на највисоката државничка функција е закажано за петок во 21 часот на А1 телевизија. Засега сите кандидати го потврдиле учеството, а дебатата ќе трае до полноќ.
|