Државата ќе гради станови за АРМ
До крајот на годинава ќе почне изградбата на станови наменети за АРМ во Скопје, Битола, Кичево, Тетово, Куманово, Штип, Прилеп и Велес. Деновиве стартуваа првите активности за реализација на проектот „АРМ мој вистински дом“, со кој голем дел од припадниците на АРМ ќе можат да си обезбедат сопствен покрив над главата.
На вчерашниот работен појадок на кој присуствуваа министрите за одбраната и за транспорт, Зоран Коњановски и Миле Јанакиески, претседателите на стопанските комори во Македонија и претставници на градежните компании беше потенцирано дека овој проект е во насока на максимален ангажман на македонската градежна оператива.
„Овој проект, заедно со изградбата на локалните и регионалните патишта, на објектите за државните институции, како и на аеродромите ќе придонесат и годинава градежништвото да биде носител на домашниот бруто-производ“, рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Според министерот Коњановски, досега околу 4.300 припадници на Армијата се изјасниле позитивно за проектот. Деновиве се испраќаат прашалници за да се утврди точниот број заинтересирани за купување стан под дадените услови, по што ќе биде објавен тендер за избор на градежна фирма, која ќе го изготви проектот. Сите проекти треба да бидат готови до 15 септември, а потоа Јавното станбено претпријатие ќе ја почне постапката за избор на изведувачот.
Инаку, припадниците на АРМ што сакаат да купат стан ќе мора веднаш да платат учество во висина од 30 проценти од вредноста, а останатите 70 отсто ќе бидат обезбедени од банка што ќе ја избере Министерството за транспорт и врски и ќе се исплаќаат во период од десет години од моментот на вселување во становите.
Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, потенцираше дека во моментот се градат околу пет илјади станбени единици, што е двојно помалку од потребите. Градежниците, пак, побараа од Владата намалениот ДДВ од 5 проценти за продажба на станови да продолжи да важи и по 2011 година, за полесно да ја пребродат економската криза. (Б.А.) |