Интервју
Украина е присутна во Македонија
Јуриј Гончарук, амбасадор на Украина во Македонија
Односите се далеку од формални, нивната најголема вредност е меѓусебната доверба
Димитар Чулев
Господине амбасадоре, годинава се одбележуваат 15 години од воспоставување на украинско-македонски дипломатски односи. Дали периодот е искористен правилно... како на скалата од 1 до 10 би ги оцениле релациите меѓу двете земји?
Според која скала? На Рихтер ли? Тогаш – о степени. Нашите односи не се тресат. Тие се стабилни и предвидени во тој поглед дека ќе се развиваат и понатаму. Секако, тие не се идеални, затоа како што велат кај нас: идеалот е недостижен, но кон него треба да се тежнее. Кај нив има потенцијал и иднина што обете страни денес го подготвуваат со својата спокојна и секојдневна работа.
Сметам дека нема да го оспорите тоа дека постојат работи што не можат да се стават во „формални рамки“ на некакви си нумерички параметри: да се измерат на скала, да се оценат во долари или да се пресметаат со прецизност до процент.
Точно така како што, да речеме, порастот на обемите на трговската размена не секогаш ја одразува реалната состојба и содржината на билатералните односи.
Затоа најглавното наше заедничко достигање за овие 15 години и истовремено наша најголема вредност, тоа е - меѓусебната доверба.
Во изминативе турбулентни години на Портокаловата револуција и по неа слушавме и читавме повеќе за внатрешните состојби во Украина, но многу малку за присуството на Украина овде.
Самото интервју со мене како вонреден и ополномоштен амбасадор сведочи за тоа дека Украина во Македонија е присутна. За Украина знаат во Македонија.
Ќе знаат уште повеќе ако кај такво почитувано издание, како што е „Утрински весник“ се појави сопствен кореспондент во Киев.
Меѓутоа, присутноста на Украина во Македонија не е само, така да речеме, виртуелна. Вие можете да ја посетите црквата во Радовиш, која ја зографисаа украинските мајстори или во идниот музеј на историјата на ВМРО во кој ќе видите восочни фигури на дејците на македонското национално-ослободително движење, што се подготвуваат во Украина. Во македонските библиотеки можете да порачате дела од познатите украински писатели и поети, издадени во Македонија. Имам надеж дека наскоро македонските деца ќе ги читаат украинските приказни.
Ако имате намера да се одморите во паркот што се наоѓа меѓу Градскиот трговски центар и Собранието на РМ, тогаш таму ќе видите бронзена биста на познатиот украински поет Тарас Шевченко, направена од академикот Томе Серафимовски. Се надевам дека наскоро во Скопје ќе излезат на маршрута првите украински автобуси од Лавов. И најглавно – тоа се украинско-македонските семејства и нивните родени деца.
Вообичаено е да се говори за политичка и добра културна соработ��а. Но, има ли Украина економски интерес на Балканот во Македонија? Постои ли интерес за македонските градежници, извоз на храна… за туристи од Украина во Македонија?
Да, гледа и работи на трансформација на тој интерес во конкретни работи. Во последно време – тоа е договорот за испорака на автобуси за комуналното сообраќајно претпријатие на Скопје, добиен е тендер за проектирање два гасовода на југот од Македонија. Има и други проекти што се наоѓаат, така да речеме, во стадиум на очекување.
Трговско-економската соработка не е улица со еднонасочно движење. И ние ги разбираме соодветните стремежи на македонските партнери што имаат веќе успешно искуство на украинскиот пазар.
Ја имам предвид, пред се', фирмата „Гранит“ – тој национален бренд на Македонија. На крајот на краиштата, ја имаме Спогодбата за слободна трговија. Таа предвидува квоти за бесцаринска испорака на земјоделска продукција. Единствен проблем е во тоа што тие квоти поради нешто земјоделците практично не ги користат. Штета. Како редовен потрошувач можам да посведочам – тукашниве зеленчук и овошје се вкусни. Македонското вино, исто така, е прекрасно. И тоа веќе си го пробива патот во Украина – првите четири тони вино веќе се заминати на своето одредиште.
Ќе додадам дека сега се наоѓа на стадиумот на воведување заедничко решение за наполна либерализација на трговијата со аграрна продукција. Секако, нека доаѓаат украинските туристи во Македонија. Главниот проблем е отсуството на директната врска меѓу нашите земји кој треба да се решава.
Дали за новата политичка гарнитура во Киев евроатлантските аспирации остануваат во агендата или приоритет ќе биде реставрирањето на односите со соседна Русија со која Украина е енергетски и економски е поврзана?
Секоја политичка сила што доаѓа на власт има своја претстава во врска со стратегијата на развојот на земјата и средствата за обезбедување на нејзината реализација. Истовремено, уште никој и никогаш не се откажал од соработката, ако таа била заемно корисна. Друго прашање е нејзиното коригирање. Со други зборови, соработката на Украина со НАТО од дневен ред не е симната: таа ќе биде максимално тесна, но без интеграција.
Не можам да се согласам со тоа дека „приоритет ќе биде реставрирањето на односите со Русија“, бидејќи мултилатералната соработка со неа секогаш била и ќе биде приоритет за Украина.
Вие сте дел од дипломатскиот кор овде. Какво е Вашето мислење за македонските перспективи во ЕУ, имајќи го предвид актуелниот спор кој и' е наметнат на Македонија?
Никој нема да ја оспорува очигледноста на унапредувањето на Македонија по евроинтеграциониот пат, што и ја забележа, всушност, Европската комисија со својата препорака од 14 октомври минатата година. За мене тоа е основно во осмислувањето на европерспективите на Македонија.
Грчко-македонскиот спор во врска со уставното име на РМ е проблем од сосема друг ред без чие соодветно регулирање Македонија, сепак, не ќе може да ја достигне поставената цел. Таква е објективната ситуација. Цивилизиран излез од неа само ќе додаде респект на двете земји. |