Брoj 2770  сабота, 23 август 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Џезот како „тајно звучно оружје“ во студената војна

Луѓето сакаат џез, бидејќи ја сакаат слободата

Пред половина век, кога Америка имаше проблеми со нејзиниот имиџ за време на студената војна, Адам Клејтон Пауел јуниор, претставникот на САД од Харлем, имаше идеја. „Да се престане со испраќање на симфониски оркестри и балетски групи на меѓународни турнеи“, му порача тој на Стејт департментот. „Дозволете му на светот да ја искуси“, како што ја нарече, „реална Американа“ - испратете џез-бендови“.

Фотографска изложба од тие концертни турнеи под наслов „Џем сешн: американските џез-амбасадори го опкружуваат светот“, се прикажуваше во Меѓународниот центар „Меридијан“ во Вашингтон до 13 јули, а потоа се премести во Советот на заедницата за уметност во Кингстон, Северна Каролина. На изложбата беа прикажани речиси сто фотографии, многу од нив извлечени од непознати досиеја од десетици библиотеки, потоа дигитално ретуширани и зголемени од Џемс Хершорн, активист од Институтот за џез-студии на Универзитетот „Руџерс“. Тука се прикажани Дизи Гилеспи во 1956 година, како „шармира“ змија со неговата труба во Карачи, Пакистан. Луј Армстронг во 1961 година е опкружен со насмеани деца пред болница во Каиро. Бени Гудман во 1962 година како свири со неговиот кларинет на Црвениот плоштад. Дјук Елингтон во 1963 како пуши чибук во Ктесифон, Ирак итн.

Идејата зад турнеите на Стејт департментот беше да се спротивстави на советската пропаганда, која ги претставуваше САД како варвари во културата. Интуицијата на Пауел кажуваше дека натпреварувањето со Бољшој би било залудно и во секој случај неимагинативно. Подобро е да се прикаже домашна уметничка форма на која Советите не би можеле да одговорат - и тоа би било поинтересно. Составот на многу џез-бендови беше од различни раси, што беше силен симбол од средината до крајот на 50-тите години, кога сегрегацијата во јужниот дел го оцрнуваше американскиот имиџ.

Џезот беше „тајното звучно оружје“ на земјата (така беше истакнато во наслов на „Њујорк тајмс“ во 1955 година) во друг смисол. Писателот Ралф Елисон го нарекуваше џезот уметнички дупликат на американскиот политички систем. Солистите можат да свират се што ќе посакаат се додека се држат до темпото, а акордите се менуваат - исто како што во демократијата поединецот може да каже или да направи што и да сака се додека го почитува законот.

Вилис Коновер, чие џез-шоу на радиото „Гласот на Америка“ беше емитувано во 1955 година и наскоро привлече 100 милиони слушатели, многу од нив зад железната завеса, еднаш изјави дека луѓето „сакаат џез бидејќи тие ја сакаат слободата“. Амбасадорските џез-турнеи траеја со недели, а понекогаш и месеци, и имаа влијание, привлекувајќи голем број расположени луѓе. На карикатура во ��дно издание на „Њујоркер“ од 1958 година беа прикажани некои претставници како седат на маса во Вашингтон, а еден од нив вели: „Ова е дипломатска мисија со крајна чувствителност“. Прашањето е кој е најдобриот човек за тоа - Џон Фостер Далес или Сачмо?“

Пауел организираше неговиот добар пријател Гилеспи да ја оствари првата џез-турнеја на добра волја, која започна во март 1956 година со 18-члена група и патуваше низ цела Јужна Европа, Блискиот Исток и јужна Азија. Првата посета на бендот беше Атина каде што студентите неодамна го каменуваа локалното седиште на Информативниот сервис на САД во знак на протест поради поддршката на Вашингтон за десноориентираното диктаторство на Грција. Сепак многу од тие исти студенти го поздравија Гилеспи со извици на радост, го креваа на рамења, ги фрлаа палтата во воздух и извикуваа „Дизи! Дизи!“



Кога Армстронг пристигна во Конго, како дел од турнејата низ Африка во 1969 година, тапанари и танцувачи организираа парада низ улиците носејќи го него на трон, а таа сцена ја овековечил фотограф и е прикажана на изложбата. Во 1971 година, кога Елингтон пристигна во Москва американски дипломат напиша во неговиот официјален извештај дека насобраните луѓе го поздравиле Дјук слично на „второто доаѓање“. Еден млад Русин извикувал: „Те чекавме со векови!“

Ѕвездите беа задоволни да го отсвират својот дел на таа свеченост за срцето и умот, но не како марионети. По турнејата на Блискиот Исток, Гилеспи со гордост изјави дека таа била „моќно ефективна против црвената пропаганда“. Но, кога Стејт департментот се обиде да го брифира како да одговора на прашањата за односот на Америка кон расите, тој рече: „Добив триста години брифирање. Знам што ни направија и нема да направам никакви исклучоци“.

Армстронг ја откажа посетата на Москва во 1957 година откако претседателот Двајт Ајзенхауер одби да испрати сојузни војници во Литл Рок, Арканзас за примена на законите за училишна интеграција. „Начинот на кој тие го третираат мојот народ на југот, можат да одат по ѓаволите. Станува толку лошо, обоениот човек нема држава“, рече тој. Претставници на администрацијата стравуваа дека таквиот вербален напад, особено од генијална личност како што е „амбасадорот Сачмо“, ќе предизвика дипломатска катастрофа. Државниот секретар Џон Фостер Далес му рече на јавниот обвинител Херберт Браунел дека ситуацијата во Арканзас „ја уништува нашата надворешна политика“. Две недели подоцна, соочен со притисок од многу страни, Ајзенхауер ја испрати Националната гарда во Арканзас. Армстронг го поздрави тој чекор и се согласи да замине на концертна турнеја во Јужна Америка.

Независноста на џезерите предизвикуваше нервоза кај некои официјални претставници. Но, поостроумните дипломати знаеја дека тоа и' помага на каузата. Идејата беше да се демонстрира супериорноста на САД над Советскиот Сојуз, слободата над комунизмот, а тука беше доказот дека Американец - дури и Црнец - може да ја критикува неговата влада и да не биде казнет.

Фотографиите на изложбата потсетуваат на времето кога американската култура и политика беа убаво поврзани. Кертиз Сендберг, куратор во Меѓународниот центар „Меридијан“ вели дека во текот на трите години што биле потребни за да се подготви изложбата, вработените често пати ги гледале фотографиите и велеле „Зошто и денес не направиме нешто вакво?“.

(Њујорк тајмс)


Статијата е прочитана 128 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
Струга е колепка за комуникација меѓу народите и цивилизациите
Концерт на Владимир Василевски-Четкар во Битола
Велешкиот театар гостува во Кавадарци
Графичка работилница во Богданци
Марксистичка книга стана бестселер во Јапонија

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.