Хисен Муслиу останува во притвор
Хисен Муслиу, поранешен вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање, кој пред десетина дена беше уапсен во полициската акција наречена „Фалсификатор“, и по истекот на осумдневниот притвор и натаму останува зад решетки. За Муслиу е донесено ново решение со кое притворот му се продолжува за уште еден месец.
Адвокатот Стеван Павлевски вели дека неговиот клиент понудил гаранција од недвижен имот до судот, во замена за негово ослободување. Станува збор за два стана во Тетово и една куќа во гостиварското село Добри Дол, во вредност од 250.000 евра.
Според адвокатот Павлевски, постоеле одредени проблеми со Катастарот во Гостивар, кои се однесуваат на куќата во Добри Дол, но откако ќе биде решена и оваа пречка, тој очекува комплетната документација да биде доставена до судот и Кривичниот совет да расправа и да го укине притворот. Адвокатот го темели својот оптимизам врз фактот дека и јавниот обвинител дал позитивно мислење по понудата во недвижности во замена за ослободување на неговиот штитеник.
Хисен Муслиу беше приведен под сомневање дека самиот ги изработувал досиејата на првенците на ДУИ, чија веродостојност беше проверувана и од страна на членовите на Комисијата за верификација на факти. (Љ.С.) |