Судиите в година двапати на проверка
Гордана Дувњак
По тримесечна доброволна пауза, Судскиот совет, конечно, ќе го прекине продолжениот одмор и ќе се зафати со работа. Во очекување да се донесат измените на Законот за судови и на Законот за Судски совет, со кои се регулира начинот на нивна работа, членовите на Советот од септември оваа година ниту избираа ниту разрешуваа судии. Тоа е резултат на тоа што Уставниот суд укина како неуставни и незаконски повеќе одредби од двата правилника на Советот, па членовите донесоа заклучок да ги одложат редовните активности.
Но, по изгласувањето на законските измени и нивното стапување во сила, спокојните денови се минато и, како што најавуваат од Судскиот совет, ги чека полни раце работа. Веќе на 7 декември е најавена првата постодморска седница, на која треба да се пополнат 18 судиски места во судовите во државата. На истата седница треба да се изберат и претседатели на трите суда во Струмица, Велес и во Радовиш. Тоа нема да биде така, едноставно, бидејќи за струмичкиот и за велешкиот суд и по повеќе огласи не може да се избере раководител, бидејќи или никој не се пријавува или ниту еден од кандидатите не ги задоволува критериумите на Советот. Многу е извесно струмичкиот суд и натаму да остане со в.д. претседател, бидејќи и на шестиот оглас, нема заинтересирани и не се јавил ниту еден судија.
Сепак, главниот ангажман на Советот ќе биде во почетокот на идната година и ќе биде насочен кон оцена на работата на над 660 судии од сите судови во државата, вклучувајќи го и Врховниот суд. И тоа не еднаш, туку дури два пати за само пет месеци во текот на една календарска година.
„Во рок од три месеца од стапувањето во сила на законските измени, планираме да го видиме работењето на судиите за 2009 година. А, до крајот на април идната година, да се направи оцена и на нивното работење во 2010 година“, вели претседателот на Судскиот совет, врховниот судија Васил Грчев.
Тој вели дека ќе биде спроведена квантитативна и квалитативна проверка на работењето на судиите. Ќе се оценува по повеќе критериуми, а најмногу околу тоа дали судиите ја исполниле судската норма и колку квалитетно ја извршувале судската функција. Тоа практично значи колку пресуди има се укинати или потврдени, каков им е односот кон колегите и странките, дали стручно се усовршуваат и посетуваат континуирана судска обука. |