Стреотипи
Дрога за националните ега
Како ги доживуваме нашите соседи кога тргнуваме од феноменот - можеби не сум добар, но другите се полоши од мене
Тамара Грнчароска
Нема човек на поранешните југословенски простори што не ја слушнал песната „Солитер“ на Ѓорѓе Балашевиќ и не се почувствувал истовремено и малку навредено, но и пријатно супериорно. Се' предизвикано од една иста причина - стереотипите.
А токму тие се основата на текстот на оваа песна во која ние Македонците сме опишани како добри луѓе од југот, без особен знак на препознавање, освен по песните, Црногорците како луѓе со јуначка крв, но секогаш бараат поддршка од некого, Србите како нација што постојано расчистува некаков внатрешен проблем, Босанците како јаки луѓе, работници, познати по своите севдалинки, но и божји привиденија. Хрватите ја добија карактеристиката „ние не сме оттука“ само за да не си создаваат проблеми, а Словенците како здодевни и надмени во однос на другите.
Денес, 20 години подоцна, стереотипите опишани во песната се повеќе или помалку исти, надополнети со по уште некоја карактеристика. Така, нас другите уште не' доживуваат како питоми и пријателски луѓе, кои имаат добра храна и вино, но истовремено живеат во земја што никако не можат да ја средат и да ја исчистат од ѓубре.
А, како ние ги доживуваме нашите соседи? Србите се' уште го имаат епитетот на фалбаџии, кои сакаат се' да биде по нивно, па дури и ако тоа оди и на нивна штета, а сето тоа зачинето со „лесковачка“ и турбо-фолк. Црногорците се' уште го чуваат епитетот „мрзливи“, но и добија и нов - шверцери на цигари и перилница на пари. Босанците ја „спасија“ духовитоста од виорот на војните, но загубија од боемскиот живот. Хрватите се' уште се „пургери“, но и се' почесто балкански рековалесценти, кои колку се подалеку од Балканот толку тој им е се' помил и поблизок. Словенците, пак, откако го „напуштија“ тој ист Балкан го прифатија, топтан, сосе народњаците, скарата и луѓето што живеат на него и, конечно, му покажаа топлина и по некоја насмевка.
Нашите старо-нови соседи на кои порано не им обрнувавме многу внимание, како, на пример, Бугарите, Грците, Албанците, Турците и сега Косовците, не се поштедени од лепењето етикети, кои најчесто се негативни или потсмешливи. Грците остануваат да бидат не многу љубезни, бучни и самобендисани, кои сметаат дека се' почнало од нив. Албанците се на врвот на листата на оние што постојано се жалат на нешто и се неоправдени, но се добри бизнисмени и луѓе што го почитуваат дадениот збор. Бугарите не можат да се пофалат дека уживаат доверба кај другите, изобилуваат со „џебни венери“ и кои не гледајќи во своите лоши страни, покажуваат со прст на другите.
Вака може да се набројува до недоглед за сите нации во Европа, во светот, бидејќи стереотипите не се ексклузивно сопственост на ниту една нација. Сите тие имаат слични предрасуди и искривена претстава за другите како мрзливи, здодевни, кавгаџии, лажговци, глупави, наивни итн, можеби од една едноставна причина, за самите да се чувствуваат подобро. Стереотипите за другите се екстази за националните ега. Феноменот на човековата психологија „не сум добар, но другите се полоши од мене“ е, народски кажано, нивната основа.
Научно толкувано, стереотипите, всушност, се социјални конструкции, најверојатно, засновани врз социоекономските услови, историјата, обичаите, митовите, навиките и вредностите на културата. Студијата за стереотипите спроведена во 49 култури во светот во 2005 година заклучува дека тие за нациите можат да дадат одредени информации за културата, но истовремено не ги опишуваат луѓето. Стереотипите, всушност, се деперсонализирани мислења за припадниците на една цела нација или култура.
„Но, токму негативните стереотипи за нации и етнички групи се потенцијално многу опасни за создавање основа за предрасуди, дискриминација, прогонување, па дури и геноцид“, наведуваат изготвувачите на студијата на американскиот национален институт, кој се занимава со процесот на човековото стареење (НИА). Според нив, стереотипите се културолошки феномен што се консумира преку медиумите, приказните, образованието, историјата, шегите.
Но, како што ги создава сликите за другите, така секоја нација создава и слика, т.е. стереотип за себе, која не мора да биде секогаш позитивна и точна. Оттука произлегува дека стереотипите не треба да се земаат здраво за готово, особено оние што во себе носат негативна карактеристика.
„Луѓето треба да разберат дека сите ние сме подложни на ваков вид перцепција и сакаме да веруваме дека нив ги оправдува нашето искуство, кога фактички тие често се навредливи“, смета Роберт Мекри, истражувач од НИА, според кого, ние мора постојано да се потсетуваме да ги гледаме луѓето како индивидуи, а не како припадници на некоја нација.
Од сето тоа може да е изведе само еден заклучок, дека е подобро да им се насмеете на стереотипите и да се пошегувате со нив, а не да ги ставате на срце за да не ве исфрустрираат. На крајот, па нели ние важиме за народ што знае да се смее и на своја сметка.
Србија како Лепа Брена
Бугарскиот дизајнер Јанко Цветков стекна светска слава со исцртувањето мапи на кои се впишани стереотипите што ги имаат одредени нации за другите. Инспириран од руско-украинската „војна“ за нафтата од 2009 година, тој ја нацртал својата прва мапа. На неа Русија била означена како „Параноидно нафтено царство“, додека Украина како „крадци на гас“. „Во тоа време имаше енергетска криза и ја нацртав картата за да ги насмеам пријателите“, изјавува Цветков, кој откако ја поставил на Интернет, сфатил дека таа толку им се допаднала на луѓето, што направил уште неколку стереотип-мапи. Досега неговата Интернет-страница ја посетиле половина милијарда луѓе за да ги видат стереотипите за европските држави во очите на Американците, машката геј-популација, Бугарите, Германците, Французите, Италијанците и Британците.
Па така, Балканот за Американците е „живеалиште на злото“, за Британците, Италијанците, Французите и Германците во поголемиот дел не „не постои“. Македонија, според мапата на Бугарите, е именувана како „грчки Словени“, а според мапата „каде живеам“, го носи називот „безимена“. Србија на некои од картите носи епитетот „Лепа Брена“, Хрватска „место за одмор“, Словенија – „Словени“, Унгарија „порно-ѕвезди“, Полјаците „водоводџии“, Романија е именувана како „крадци“, а Италија како „мафија“. (Т.Г.)
Чешката скулптура што ја скандализира Европа
Најдобар доказа дека стереотипите сериозно се сфаќаат беше скандалот што го предизвика скулптура на чешкиот уметник Давид Черни, кој ги отсликуваше стереотипите за европските народи. Контроверзната скулптура што беше поставена во Брисел во чест на чешкото претседавање со ЕУ во 2009 година најмногу ги разлути Бугарите, но и Словаците.
Бугарите на неа беа претставени како нужник, а Словаците како унгарски колбас врзан со јаже во боите на унгарското знаме. Скулптурата именувана како „Ентропа“, за која Чешка мораше да им се извини на Бугарија и на Словачка, неодамна е пренесена во Плзен како постојана поставка.
„Енторпа“ги претставува Полјаците како група католички свештеници што креваат знаме во боите на виножитото, симбол на геј-заедницата. Германија беше презентирана како раскрсница од патиштата, кои потсетуваа на кукестиот крст, Франција како натпис „штрајк“, Холандија како поплавена земја од која единствено ѕиркаат минарињата на џамиите, Грција како гори, а Италија како фудбалско игралиште на кое фудбалерите ја држат топката пред своите интимни делови. (Т.Г.)
|