Вокер: Спорот да се реши на самитот на НАТО
ЊуJорк - Спорот меѓу Атина и Скопје предизвика премногу меѓународни и внатрешни компликации и затоа името треба да биде решено на самитот на НАТО во ноември. Ова е еден од заклучоците за Македонија во најновиот извештај на Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања од Вашингтон, според кој блокадите, бојкотите, ембаргата и политичките конфликти меѓу двете земји треба да се решат брзо, бидејќи би можеле да предизвикаат понатамошни националистички тензии.
Курт Вокер, висок советник на Атлантскиот совет на САД и аналитичар на Центарот за трансатлантски релации на универзитетот „Џон Хопкинс“, смета дека Македонија треба да биде дел од агендата на самитот на НАТО каде што би се решило името. Според него, долгогодишниот спор најмногу му направи штета на македонскиот народ. „Мислам дека е трагично што едно обично име стана брана за подобра иднина на неколку милиони луѓе“, вели Вокер, за кого е срамота што граѓаните на Македонија не се ставени на колосекот за зачленување во НАТО под старото име како што беше предвидено со спогодбата од 1995 година.
Вокер, американски амбасадор во НАТО од јули 2008 до мај 2009 година, вели дека ниту една од стратегиските цели на Алијансата нема да бидат решени на ноемврискиот самит и единствено НАТО може да има успех само во случајот Македонија. „Можеме да направиме прогрес за името и да ја вратиме Македонија назад на колосекот за членство во НАТО и во ЕУ, со што би ја поддржале движечката сила во регионот. Според него, прво треба да се стави Македонија на агендата на самитот на НАТО и ласерски прецизно да се фокусира на решавање на проблемот со името. (МИА) |