„Името е име“ прикажан во Скопје
Режисерот Еинарсон има цел да им ја пренесе пораката на луѓето што се нарекуваат Македонци
Филмот „Името е име“, кој раскажува за нацијата што се држи како заложник поради своето име, вчера ја имаше својата европска премиера во Скопје. Посветен на спорот за името што го има Македонија, документарецот од 48 минути, според зборовите на неговиот режисер, Исланѓанецот Сигурјон Еинарсон, не донесува заклучок за прашањето околу името, туку има цел да им ја пренесе пораката на луѓето што живеат во Македонија. Според него, филмот нема политичка порака, бидејќи самото прашање е создадено од политичарите.
Еден од продуцентите, Џејсон Мико, вели дека филмот има три цели: да ги едуцира немакедонците, да ги охрабри Македонците и да ги послужи за забава и на двете групи. Филмот досега бил промовиран во Вашингтон, САД и Аделаида, Австралија, каде што, како велат продуцентите, тој бил прифатен со овации.
Правен по принципот на репортажа и разговор со обични луѓе среќавани по пат, филмот во основа е приказна за група луѓе, кои себеси се нарекуваат Македонци и што значи за нив да бидат познати под тоа име. Филмот не ја обработува темата од грчка страна, бидејќи како што изјави режисерот, не сакал филм во кој луѓето ќе се караат.
Самиот режисер на филмот на вчерашната прес-конференција рече дека кога првпат допатувал во Македонија во 2007 година, само бил свесен за проблемот, но денес тој е шокиран од фактот дека во 2010 година постои таков конфликт во Европа, поточно една многу моќна нација на помалку моќна нација да и' го оспорува името.
„Мило ми е што можам на мојотдел од Европа да има кажам за што се работи и дека е многу повеќе од прашање за име“, вели Еинарсон, кој најави можно продолжение на филмот, како дел од неговата битка за името. Тој вчера информираше дека промоцијата на филмот во САД поминала со скандал поради отворениот притисок, кој го вршела грчката дипломатија врз исландското МНР да се откаже промоцијата на филмот. Продуцентите вчера информираа дека би биле среќни да го промовираат филмот и во Грција, но доколку најдат некој таму кој би сакал да го направи тоа, бидејќи промоциите ги прават со помош на пријатели.
Самото снимање на материјалот за филмот траело седум месеци, а тој бил завршен по две години. Филмот е снимен со помош на спонзори и чинел 150.000 евра и зад него стои продукциската куќа „Три икс“. (Т.Г.) |