Број 2856  сабота, 06 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Оргулите се највеличествен инструмент

Скопската концертна промоција на оргулите ќе се случи на 18 декември, а на нив ќе свират оргулисти од Европа

Тина Иванова

„Оргулистот кој владее со својот инструмент, би требало да биде пред сите останати виртуози“, ќе каже Лудвиг ван Бетовен, а позната е и Моцартовата мисла - „во моите очи и уши, сепак оргулите се кралица на сите инструменти“. Јохан Себастијан Бах, пак, мислејќи на оргулите, рекол: „Се што треба да направите, е да ги удрите вистинските ноти во вистинското време и инструментот самиот ќе свири!“ Скопје и Македонија, со добивањето на инструментот оргули, му се придружија на европското друштво, иако многу години подоцна, во збогатувањето на сферата на класичната музика, но со надеж за брз чекор во паралелниот развој со она што вековите наназад го негувале големите културни метрополи. Оргулите, кои деновиве пристигнаа во Скопје, а чија монтажа е во тек, се сместени во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ која располага со најсоодветен простор за таа намена, со добра акустика, но и со традиција за негување на сакралната и класичната музика. И ова е првпат во историјата на македонската музичка и духовна култура Македонија да ја добие „кралицата на инструментите“, што ќе биде од големо значење за развојот на културата во земјава, за проширување на музичкото образование, но и творештво. Оргулите во Скопје пристигнаа благодарение на културната акција „Оргули за Скопје и Македонија“ која се формираше лани, составена од различни интелектуални, верски и професионални провиниенции, а која досега, за таа цел, одржа неколку донаторски културни настани. Инструментот чини 230 илјади евра, тежи шест тона и е изработен во познатата Мариборската бискупска фабрика за реферирање и правење на оргули. Како што најавува Петар С. Јаки од одборот „Оргули за Скопје и Македонија“, инструментот би требало концертно да се промовира на 18 декември. Одборот и Католичката црква во моментов се во преговори со странските амбасади во Македонија, за гостување на оргулисти од Европа кои на промотивниот концерт би свиреле специјално создавани дела за оргули.



Кај нас, логично, не постои традиција на свирење на оргули. И за тоа, каква ќе биде иднината на овој инструмент, се уште е неизвесно. Во Македонија во моментов има само двајца музичари кои, освен пијанисти, се и оргулисти, тоа се професорите во пензија Борис Романов од Русија, а кој годиниве наназад живее и работи во Македонија, како и Марија Докузова. Но, и двајцата велат дека овој инструмент одамна не го практикувале, однос��о прекинат е нивниот континуитет на свирење на оргули, пред се, затоа што инструментот го немаше во Скопје. „Јас одамна не се занимавам со свирење на оргули. Мене ми понудија од одборот кој се ангажираше да ги донесе оргулите во Скопје да свирам, но не сакам, затоа што одамна не сум допрел оргули, а за вежбањето и не станува збор“, вели проф. Романов кој завршил одсек по оргули во Москва. И проф. Марија Докузова, која искуството на свирење на оргули го стекнала во Љубљана, се надоврзува дека свирењето на оргули и воопшто на било каков инструмент не е лесна работа, односно за тоа треба континуитет во вежбањето. „Јас одамна не сум настапувала на оргули, ја изгубив и праксата на свирење. Би прифатила, доколку постои таква можност, да бидам асистент на професорот Романов, затоа што сметам дека е тој поискусен од мене. И заради моите поодминати години не сум во состојба да свирам соло, но можам нешто сепак, да одсвирам како придружба“. Сепак, како што најавија од Католичката црква и од акцијата „Оргули за Скопје“, постои можност во блиска иднина да се добијат две стипендии за македонски студенти да го продолжат своето школување во градот Лублин во Полска, на тамошниот познат факултет за оргули.



За професорот Романов, пристигнувањето на оргулите во Скопје е добра можност за развојот на културата, како и за поширок поглед на музиката. „Тоа е инструмент со огромна традиција. Од овој инструмент, всушност, почнаа да се развиваат другите музички инструменти. Оргулите се последен инструмент со многу големи можности, со многу бои и карактеристики. Важно е ова за Македонија, зашто е еден свеж поглед, зашто тука нема традиција, нема искуство за ваква музика, а и ќе биде добро ако биде користен како концертен инструмент“, вели Романов. Проф. Марија Докузова вели дека конечно кај нас треба публиката да се запознае со литературата наменски напишана за оргули. „Во Европа и во светот секоја мала црква има оргули, има концертни сали каде се сместени оргули и многу се негува тоа свирење. Тука нема традиција и добро е конечно да го слушнеме вистинскиот звук на оргулите. Се разбира, потоа е многу важно како ќе се одржува инструментот“. За младата диригентка Бисера Чадловска, која настапи на еден од донаторските концерти во акцијата да се донесе инструментот во Скопје, „оргулите се од огромно значење зашто ќе се изведуваат дела што не се изведувале до сега. Можеби може да се искористат и доколку би се отворила катедра на Факултетот за музичка уметност во Скопје за изучување на инструментот“. „Оргулите кај нас имаат големо значење, зашто досега немало таков инструмент во државава, а и ќе има големо значење во изведбата на делата каде што се бара ваков инструмент. Оргулите се еден од највеличествените во големото семејство на музичи инструменти. И просторот, Католичката црква, одлично одоговара за таа намена, да се слушнат дела од музичкото минато (музичката ренесанса, барокот, класицизамот)“, смета музикологот Бојан Ортаков.

Денес оргулите се сметаат за кралица на инструментите затоа што овој инструмент, од сите други останати, најмногу во текот на историјата се усовршувал во својата техника како и во неверојатниот волумен. Секако, и звукот и тонот кои оргулите ги емитуваат се навистина без конкуренција. Инструментот има голем број на технички и изведувачки можности и палета на бои, што се чини дека само еден оргулист може да му конкурира на цел симфониски оркестар. Оргулите имаат најголем тонски опсег, најголем динамички опсег. Оргулите, се согласуваат голем број на музиколози, пленат со својот мистичен, величествен звук. За соло оргули се напишани голем број на дела, кои би требало премиерно да прозвучат и кај нас, а нивната примена, покрај солистичкиот сегмент, е присутна и во симфониите, ораториумите, во некои опери... Средишна личност на севкупната оргулската литература, несомнено представува големиот композитор Јохан Себастијан Бах, кој е всушност, само едно генијално продолжение на своите претходници Фрескобалди и Букстехуде. Подоцна и уште многу композитори пишувале специјално за оргулите, меѓу нив и Менделсон, Лист, Брамс, Брукнер, Сен-Санс, но и современикот Оливие Месијан.


Статијата е прочитана 147 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Култура
НУБ „Св. Климент Охридски“ го одбележа патрониот празник
Марина Ончевска - Тодоровска нов претседател на МАНД
Македонија на „Карневалот - цар на Европа“
„Лебедово езеро“ со гости од Украина
Шест филма ќе се борат за „европскиот оскар“
Концерт на дуото Куфојанакис - Светиев