НУБ „Св. Климент Охридски“ го одбележа патрониот празник
По повод 8 декември, патрониот празник на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, вчера во просториите на библиотеката беше организирана научна средба на која истакнати научни имиња говореа на тема: „Книжевното творештво на Св. Климент Охридски“.
Присутните ги поздрави и втората по ред научна средба ја отвори, директорот на библиотеката, Миле Бошески, а со свои реферати учествуваа: д-р Михајло Георгиевски, проф. д-р Ацо Гиревски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Илија Велев, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Димитар Пандев, кој во своето обраќање се осврна на толкувањето на јазичната метафора на Св. Климент Охридски и воедно беше медијатор на трибината.
Михајло Георгиевски, научен советник и доктор на библиотекарски науки, во својот реферат се осврна на распространетоста на Светиклиментовите творби во средновековното книжевно наследство и потенцираше дека: „ иако истото е значително помало во однос на руските творби, сепак е значајно по тоа што покажува дека Светиклиментовите творби се препишувани и се ширени и кај словенскиот југ од каде што полетаа првите првообразци.“ Протојереј Ацо Гировски се асврна на „Богородичниот циклус во ораторската проза на Св. Климент Охридски“, поточно говореше за местото на Богородица во Црквата, појавувањето на празниците во чест на Пресвета Богородица, кои писатели пишувале слова посветени на неа итн. За Емилија Црвенковска, доктор по филолошки науки, од големо значење е влогот на св. Климент Охридски во оригиналната и преводната словенска химнографија, бидејќи според неа: „Св. Климент Охридски е една од најимпозантните творечки личности на словенското средновековие.“ Илија Велев, доктор на филолошки науки и научен советник при Институтот за македонска литература, во својот реферат се осврна на улогата на Св. Климент Охридски во заживувањето на книжевната дејност во Брегалничката словенска епископија, а Маја Јакимовска-Тошиќ, доктор на филолошки науки и редовен професор на Институтот за македонска литература, во својот труд ги проследи циклусите на оригиналните Климентови поучителни и похвални творби за светителите и црковните празници. (Н.П.) |