На Мираковски во основиот дел и на Илиевски во продолжението им затрепери раката кога беше најпотребно
„Милион“ шанси пропуштија македонските кошаркари на стартот од квалификациите за Европското првенство 2009 во Полска, за на крајот да слави домаќинот Летонија со 83:82 со „бугарска“ тројка на истекот од продолжението. Во основниот дел натпреварот во Рига заврши нерешено 74:74 откако Димитар Мираковски, кој беше фаулиран од Гатис Јаховичс на 1,8 секунди до звукот на сирената, не погоди ни едно од двете слободни фрлања! Втората меч-топка не ја искористи Владо Илиевски на 10,4 сек. до завршувањето на дополнителните пет минути, кога при водство од 81:80 го реализира само второто слободно фрлање. Летонците се обидоа да го решат мечот со тројка од Каспарс Берзинш на 3,5 сек. до крајот, но Џеремаја Мејси го изблокира, по што одговорноста ја презеде Кристапс Јаниченокс, чиј што удар за три поена од сомнителна позиција (се чини дека ја згазна линијата) заврши во кошот откако топката неколку пати удираше во обрачот и во таблата!
„Имавме шанса да победиме, но во последните три минути судиите ја фаворизираа Летонија, за што вложивме протест. Летонците успешно го блокираа Мејси, кому ништо не му поаѓаше од рака, но и судиите не досудија многу прекршоци врз него“, се пожали по мечот македонскиот селектор Јовица Арсиќ. „Многу тешко е да се запрат играчи како Бједринш, но ниту еден поединец не може сам да го реши мечот. Тој можеше да постигне и сто поени, па пак да бидам задоволен ако победевме. Во Летонија гледаме конкурент број еден за првото место во групата, бидејќи тие имаа добри подготовки, најдобри меѓу селекциите во групата Б“.
Каква златна можност за победоносен почеток во Б-групата испушти од раце Македонија зборува и фактот дека на 5,50 мин. до крајот на последната четвртина имаше водство од 67:59. Но, прво Берзинш и Јаниченокс ја намалија разликата, за потоа да стапи на сцена центарот на Голден стејт, Андрис Бједринш. Играчот на мечот со 30 поени, со реализација за два поена од 67 проценти (10/15), како и со дури 22 скока, прво со успешно изведени две слободни смали на 72:70, врати македонскиот капитен Врбица Стефанов со прецизен скок-шут, по што Бједринш со две забивања ја одведе средбата во есктра-период.
Стефанов беше најефикасен во поразениот тим со 25 поени, Тодор Гечевски постигна 21, а Американецот со македонски пасош Мејси на 14. поени додаде и 11 скока, но не блескаше. Покрај во лошото изведување на слободните (дури 13 нереализирани од вкупно 32 удари), причините за болниот пораз во дуелот што беше потешко да се загуби треба да се бараат и во скокот (11 помалку од Летонците, кои остварија 48). Рамнотежата ја направија поголемиот број грешки на домаќинот - 19:6.
„Многу тешок натпревар. Македонија има многу добра репрезентација и за мене таа е најсилна во групата, а ние сме веднаш зад неа“, смета летонскиот селектор Ненад Трајковиќ. „Денеска одигравме навистина добра одбрана, а тие се познати како тим со добар напад, со добри тројкаши. Но, моите момчиња покажаа дека сакаат да победат и одработија навистина напорно на теренот. Проблемот е во тоа што одигравме многу лошо во нападот, направивме премногу грешки, и тоа глупави, но претпоставувам дека Господ виде дека навистина сакаме да победиме и ни помогна“.
Среќа во несреќа е што аутсајдерот во групата Естонија направи големо изненадување на гостувањето во Овар со победата над Португалија од 79:70. Токму Португалците се следниот противник на избраниците на Арсиќ, со кого ќе се сретнат утревечер од 20,15 ч. во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Во другиот меч Естонија ја пречекува Летонија. (Р.Д.)
Летонија - Македонија 83:82
Основен дел: 74:74. По четвртини: 15:12, 16:18, 23:24, 20:20. Сала „Рига арена“ во Рига. Гледачи: 5.000. Судии: Довидавичиус (Литванија), Чебишев (Украина) и (Травицки).