„Металурзите“ во Измир по виза за Лигата на шампионите
Ракометарите на македонскиот првак утре го играат првиот квалификациски меч против турскиот претставник
Миодраг Мицковиќ
Ракометарите на актуелниот шампион на Македонија Металург денес ќе отпатуваат за Измир каде утре ги очекува првиот меч од квалификациите за Лигата на шампиони против турскиот првак Измир. За првпат металурзите се среќаваат со турскиот шампион, не знаат многу за неговите квалитети, но се уверени дека, сепак, ќе ја минат првата пречка и дека ќе се најдат во групата во Лигата на шампионите која е веќе одредена. Како што е познато доколку Металург го елиминира Измир би играл заедно со шпанскиот првак Барселона, германскиот шампион Кил и норвешкиот Драмонд.
Веќе речиси еден месец ракометарите на Металург се подготвуваат за стартот, не само во квалификациите за Лигата на шампионите, туку и за новото првенство. По подготовките на Маврово беа на десетдневна турнеја во Словенија и во Хрватска и според постигнатите резултати покажаа дека се наоѓаат во добра форма и се надеваат и на успешен настап против Измир.
„Нема да дозволиме да ни се случи Кипар и мечот со шампионот на оваа држава Строголос кога во првиот натпревар загубивме со пет голови разлика, а потоа моравме со максимално залагање да го надоместиме тој кусок во реваншот во Скопје“, беа зборовите на претседателот на клубот Ристо Чокрев. Верувам дека уште во првиот меч со добра игра ќе обезбедиме пласман во групата во Лигата на шампионите.
Металург во овој преоден рок добро ја засили својата екипа, дојдоа поранешниот репрезентативец на Македонија голманот Брестовац, потоа Јовиќ од Вардар Про, Србинот Станоевиќ како и Недановски. Засега се уште не може за Металург да настапува Ивановиќ кој се' уште се опоравува од повреда, неговиот настап се очекува во вториот дел од првенството на Македонија.
Со голманот Ристовски, потоа со Брестовац, Станоевиќ, Лазаров, Шмигиќ, Маљцев, Чентурија, Јовиќ, Живковиќ, Миркуловски и Недановски Металург навистина има квалитетен тим и поголеми шанси да го мине турскиот претставник бидејќи доколку не успее во тоа и не се најде во групата во Лигата на шампионите, практично ќе биде загубена речиси целата сезона за металурзите кои сериозно се подготвуваа за претстојните натпревари. Нив по реваншот за Измир на 13 септември во Скопје, потоа ги очекува и дерби мечот од првото коло во годинашново првенство на Македонија со најголемиот конкурент за титулата Вардар Про. |